Ванковска: Зошто не се потпишав на писмото реакција кон Бугарија

Билјана Ванковска: ,,Вчера беше објавен еден значаен текст – реакција на поголема група професори, уметници и интелектуалци во однос на барањата/ултиматумот на Бугарија во однос на нашето (идно) преговарање за членство во ЕУ.

Почитувајќи го вложениот труд (на Elka Jaceva-Ulcar првенствено) и согласувајќи се содржината на напишаното, јас сепак не сум меѓу потписниците. Тоа збуни мнозина, па ме прашуваат нон-стоп: зошто? Моите причини им ги изложив на колегите и колешките, ама еве ги и јавно за да нема забуна.

Прво, лично сум уморна и по малку депресивна од пишување вакви писма. Со други зборови, после сето она што го правевме изминативе две години, мене ми се поставува прашањето: зошто? За кого го правиме тоа? Каков ефект очекуваме? Го знам одговорот: да остане запис дека не сме молчеле… Но, мене тој одговор веќе не ме задоволува, туку ме депримира.

Второ, и можеби најважно/пресудно за мојата одлука беше адресата на која писмото беше упатено. Јас, простете, во Жбогар и другите екселенции не гледам ништо повеќе од службеници и обични дипломати, кои си ја вршат работата и ги бранат интересите на оние што ги плаќаат. Јас немам намера да им придавам статус кој тие ниту го имаат, ниту го заслужуваат.

Ќе беше многу подобро Отворено писмо да се упатеше до нашата влада (која е најодговорна и за потпишаниот Договор за добрососедство и за евентуалните преговори, до кои набргу нема ни да дојде), или до бугарската. Трета варијанта ќе беше да реагираме во духот на критичките реакции на нашите колеги од Бугарија, па да создадевме синергија.

Четврта варијанта би била да ги поттикнеме нашите странски колеги (првенствено лингвистите, како Виктор Фридман и другите кои се и членови на МАНУ) да се изјаснат и тоа на англиски и/или француски јазик. Вака, нашиот глас ќе си остане за по дома. Башка што писмото е предолго, а луѓево не читаат ништо што е подолго од 1-1.5 страница.

Трето, морам да признаам дека не ми се допадна исцрпноста на писмото – т.е. очигледното настојување да ДОКАЖЕМЕ, со историски и други научни факти, дека македонскиот јазик постои. Според мене (можеби грешам), тоа зборува за нашиот несовладан комплекс на инфериорност. Што има јас некому да му докажувам дека имам јазик, дека постојам, итн.? Вината е кај тие што ги кршат сите елементарни цивилизациски и правни норми.

Вината е кај оние што застанале во развојот во 19 век и сонуваат големи држави и нации, и страдаат што Македонците не се дел од нив. Во ЕУ постојат правила за почитување на различностите, и никој никому не му го преиспитува јазикот и корените пред да започне преговори.

Како за сите – така и за нас, па таман и макеоднскиот јазик да е од 1991 година (а не е, се разбира). Нема што да им раскажуваме за Кирил Пејчиновиќ, Мисирков, итн. – тие не почитуваат базични правила, па ќе се секираат за нашите преродбеници.

Четврто, мислите Европа ја боли уво за нас, за нашиот погазен национален дигнитет?! Сериозно? Па, тие стоеја зад двата договора, а нашиве им ги излижаа нозете како секој добар поданик. Да беше ЕУ лулка на цивилизација немаше да биде инволвирана во целион овој инженеринг! И сега да им укажеме? Да ги просветлиме? Па ќе се сожалат? Видете што им прават на Каталонците!

Петто, ако нешто ме боли, тоа се две работи: нашата задоцнета реакција, особено на Договорот со Бугарија, но и тоталната индиферентност на нашите европски и светски колеги. Јас убаво ги разбирам дека многу поголема солидарност и грижа заслужуваат Палестинците, Сиријците, Курдите, па и Еквадорците … Но, нашите први соседи, оние со кои сме живееле во заедничка држава се „мртви-ладни“, демек ова не е баш така страшно, ние сме националисти, ама ќе ни помине итн.

Жалам, ама иако сум истомисленик, јас не можев да го потпишам ова писмо… Идејата на претходните писма, во кои сум учествувала, беше да мобилизираат – а не да покажеме дека имаме став. За жал, не успеавме. Нашиот народ покажа дека е плашлив и дека не ѝ верува на својата интелигенција (за тоа можеби има и добри причини, но тоа е друга тема). Ете, толку….

Ако ме прашате мене за ЕУ; ќе повторам она што сум кажала многу пати: оваа ЕУ е империјална, недемократска, неправедна и јас не припаѓам на тие што се трескаат од земја што немаме датум и што (фактички) никогаш нема да влеземе во неа.”

Ванковска

- Реклама -