На oколината на Демир Хисар, се наоѓа селото Бабино каде има само двајца постојани жители и повеќе од 20.000 книги, во библиотеката „Ал Би“, сопственост на Стево Степановски.
Оваа библиотека, за која книги семејството на Степановски собирало повеќе од 140 години, има над 400 речници, македонски правопис, книги на различни јазици кои се донесени од Истанбул, Техеран и други места. Библиотеката датира од 1.882 година, а Степановски вели дека годишно ја посетуваат околу 3.500 туристи.
„Доаѓале туристи од многу земји за да ја видат библиотеката, телевизиски куќи од Полска, Бразил и сите биле воодушевени. Странците знаат да се восхитуваат на ова што го поседуваме. За нив се интересни насловите кои ги имаме и фондот на книги. Имаме програма и со училишта, доаѓаат ученици да ја посетат, така што имаме посетители од сите категории. Мојот дедо донесувал книги од различни краеви, во моето семејство уште во тоа време имале поизразени културни потреби, но сето тоа треба денес да се одржува“, вели Степановски.
Во библиотечниот фонд кој брои преку 20.000 наслови и друг библиотечен материјал има весници, списанија, публикации, географски карти, завучни записи, албуми, сепарати, ЦД ромови и друго. Во фондот на библиотеката се чува првиот број на македонскиот Правопис, примерок од првото издание на македонскиот Буквар и првото издание на Нова Македонија печатено во с. Горно Врановци, како и повеќе наслови на книги за Македонија кои зборуваат за нејзината историја, народ, географија, картографија, хидрографија, етнографија, статистика, јазик, традиција, народно творештво, цркви, училишта, туѓи влијанија итн. Најголем број од книгите се од областа на историјата, книжевноста, психологијата, музичката уметност, лингвистиката и друго.
Целиот текст ТУКА