ДРУЖЕ МАКРОН, МИ ТИ СЕ КУНЕМО…

Фејсбук статус на Билјана Ванковска

Најинтересниот дел од ова писмо до Макрон (кое убедена сум дека ќе побрза да го прочита, бидејќи нема друга поитна работа во моментов) е делот дека тие/потпишаните интелектуалци навивале за него на француските избори – ете, јас ниту сум била за него, ниту би гласала за банкар, за некој кому тие „десетина фамилии“ му се во политичкиот/идеолошкиот код.

Второ, за волја на вистината Макрон (кој не дојде овде како Меркелка, туку се обрати со видео порака пред референдумот) јасно ни кажа дека промената на името и уставот не се ни сигурен ни единствен услов за нашата евроинтеграција. Тој даде највоздржана и најреалистична порака, за разлика од сите оние кои не’ лажеа со бомбончиња, огледалца и светкави камчиња.

Трето, зад тврдиот став на Франција најмалку стојат нашите незавршени реформи – секој и малку рационален знае дека ни Црна Гора, ни Србија, а камо ли Македонија и Албанија, имаат завршено Р од реформи. Човекот си ја штити својата политичка позиција дома, ама и во ЕУ каде не му помина предлогот за еврокомесарка за внатрешен пазар и финансии. Ете, тие во ЕУ воопшто не се воодушевени од Макрон (кому народот година дена му протестира со жолти елеци од што е многу среќен со неговите политики), особено што се издвои од двата големи политички блока на европските избори и во ЕП.

Конечно, оваа фиксација и фетишизација на „Св. Датум“ е навистина нонсенс – тоа е како маратонецот наместо да трча, да почне да скока и да слави што судијата дал знак за почеток на трката. Разочарувањата од ЕУ следуваат дури откако (ако) биде даде датум – затоа што Макрон настојува процесот да биде РЕВЕРЗИБИЛЕН, значи да може во секој миг да ве вратат назад, на стартната позиција, што ве доведува во ситуација на трчање на една желка, која секој миг ќе се преврти на грб – од едноставна причина што не е тркач.

И да додадам уште нешто: онаа идеја за „мини-Шенген“ која дојде од Берлин треба да се чита малку пошироко¹, од геополитички аспект, и ќе ви стане јасно колку сме „блиску“ до рајот. Сите на купче… од санитарниот кордон…

¹ линкот не е од Ванковска, но си дозволивме да го вметнеме заради контекст

- Реклама -