Премиерот Зоран Заев денеска претседаваше со 159-тата владина седница, но во Битола, за првпат надвор од просториите на Владата, како прва од низата владини седници кои во наредниот период ќе се одржуваат во различни региони на државата, а во рамки на иницијативата да се биде поблиску до граѓаните и локалните самоуправи за да се слушнат нивните приоритети и потреби. На седницата присуствуваа и учествуваа и сите министри, но и градоначалниците од пелагонискиот регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар.
Во Битола премиерот и владата добија и „специјален пречек“, кога „група граѓани“ (членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ) ги пречека со скандирања на незадоволство и низа транспаренти, на имаше и таков со натпис „Нобелова за лажење“.
„Почитувани, денес нелегитимната влада на државата која самите си ја нарекоја северна, наспроти јасниот референдумски одговор, одржа седница во Битола.
Токму така. На лицемерието му нема крај. Доколку само ги погледнеме ветувањата од предизборната кампања на СДСМ за парламентарните избори, ќе видиме дека 90% од ветувањата за Битола и битолчани не се остварени, а остатокот од 10% не се до крај реализирани“, напиша Марко Јосифовски од УМС на ВМРО-ДПМНЕ на Фејсбук, додавајќи дека на транспарентите пренеле дел од пораките на битолчани до „безидејната и неспособна“ влада, како и градоначалничката на Битола.
Скандирањата и свирежите на собраната група можеа да се слушнат во позадина и додека премиерот даваше изјави.