Нуркачи налетале на чуден џиновски „меур“, не им било јасно во што гледаат (ВИДЕО)

Нуркачите во темните длабочини кај фјордот Ørstafjorden во Норвешка биле мошне изненадени кога налетале на многу чудна глетка: џиновска проѕирна меуреста маса, која лебдела во водата. Нуркачите Нилс Баднес и Роналд Раш, дел од тимот зад истражувачкото возило REV Ocean, не биле сигурни во што гледаат, но набрзо, откако експерти ги анализирале снимките, мистеријата се разјаснила (што не ја прави глетката помалку импресивна).

Се работи, всушност, за јајце-маса од 10-крака лигња, објаснуваат на Твитер профилот на REV Ocean. Не е познато како лигњите ги создаваат овие мукозни маси, некогаш и со пречник од неколку метри, но се работи за фасцинантни нешта кои служат како инкубатори и во себе можат да содржат и до десетици илјади јајца. Најприфатената теорија е дека женката снесува помала маса, која потоа се шири при контакт со водата.

Различните видови лигњи создаваат различни форми на јајце-маса. Таканаречената неонска летачка лигња (Ommastrephes bartramii), на пример, може да снесе јајце-маса и до 4 метри. Баш таква беше снимена од National Geographic во 2015-та.

Луѓето, па и нуркачите, ретко наидуваат на овие нешта кои наликуваат на глетки од некаква научно-фантастична фикција, главно зашто обично ваквите маси се несат на релативно големи длабочини, а „живеат“ само неколку дена. Притоа тонат уште подлабоко, до длабочина од околу 150 метри, каде бебето лигња се „испилува“, објаснува National Geographic. Научниците, иако сѐ уште ја немаат целосно истражено улогата на ваквата мукозна маса, сметаат дека таа има повеќе улоги, од кои една е и заштита од предатори. Но, пред сѐ, доказите посочуваат дека се работи за заштитна бариера. Имено, како што се објаснува во извештај од 2012-та, морските биолози се обиделе да одгледаат лигњи во лабораторија и откриле дека овие животни се склони на инфекции и yмиpaaт во рок од неколку часа.

Што се однесува до големината, забележано е дека одредени видови лигњи, откако ќе ја снесат масата, пумпаат морска вода во јајце-масата за да ја надуваат. Тоа би можело да објасни како настануваат овие големи невообичаени меури. Како и да е, глетката е извонредна.

- Реклама -