„Рекет“: Јовановски и Милевски зеле 1,5 милион евра, Јанева 50.000 евра и мебел

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе Обвинение за случајот „рекет“ против првите тројца осомничени- Бојан Јовановски, Зоран Милевски и Катица Јанева.

Јовановски и Милевски се товарат за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“, a Јовановски и за „Перење пари и други приноси од казниво дело “. јанева се товари дека сторило кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“.

Според образложението од Обвинителството, Јовановски во периодот од ноември минатата година до април годинава, искористувајќи го своето претпоставено влијание врз Јанева – јавен обвинител, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Тој, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи влијаел врз Јанева, при спроведувањето на истражна постапка во предметот со работен наслов „Империја“, да ја олесни положбата на сведокот кој во предметот е еден од осомничените и на кого по предлог на јавниот обвинител му било определена мерка притвор. Милевски според Обвинението, битно придонел за извршувањето на кривичното дело со договарање на континуирани средби на првообвинетиот со сопругата на сведокот, а подоцна и со сведокот, притоа уверувајќи ги во неговото влијание врз јавниот обвинител.

Јанева пак го прифатила влијанието на Јовановски и како службено лице – јавен обвинител, ја искористила својата службена положба и овластување и ги пречекорила границите на своето овластување. Откако Јовановски заедно со Милевски ги добил договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот Орце Камчев и покрај тоа што постоеле неизменети околности врз кои била определена и продолжена мерката притвор, Јанева до Апелацискиот суд во Скопје доставила предлог за определување на поблага мерка – куќен притвор, кој бил прифатен од судот. Согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, Јанева доставила писмена согласност до судот, одземената патна исправа привремено да му биде вратена на Камчев.

Според обвинението, за ова Јанева прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети Јовановски и Милевски примиле награда од 1.500.000 евра. Јовановски иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја што за Обвинителството упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.

Обвинителството врз основа на наводите во Обвинението од Кривичен бара да им бидат продолжени мерките за обвинетите.

Јовановски и Јанева се наоѓаат во притвор од 15 јули односно од 21 август, додека Милевски од неодамна е во домашен притвор. Јовановски пред два дена требаше да даде исказ во Обвинителството, но му се слоши. Јанева според нејзината адвокатка исто така нема да даде исказ во оваа фаза.

Случајот од вчера доби нов тек откако истрагата се прошири на уште четири лица, за перење пари, измама и помагање во измама . Меѓу новоосомничените е и потпретседателката на Собранието Фросина Ременски, почесен претседател на Меѓународниот сојуз, потпретседателката на овој Сојуз Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски, Миле Јовановски, Кристина Карајованова и Бојан Јовановски кој е осомничен за нови кривични дела.

По денешниот исказ кај судија на претходна постапка, Ременски изјави дека не се чувствува виновна. Очекува Обвинителството да го докаже тоа што и го става на товар. Се додека не биде докажана вина со правосилно судско решение, вели, таа е невина.

-И кога давав исказ како лице од кое може да се добијат потребни информации во Обвинителството за организиран криминал реков дека не се чувствувам виновна, рече Ременски.

Таа рече дека нема да се повлече од функциите кои ги извршува.

Според Обвинителството Ременски го искористила својот авторитет за да изврши влијание. Обвинителката Русковска бара да и се одземе патната исправа и да се преземат мерки за обрзбедување.

Синоќа на потпретседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески кој вчера прв ја најави проширената истрага оцени дека предметот „Рекет“ не е целосно исцрпен и дека Обвинителството работи на утврдување факти и околности и за други две – три дејства.

Јовевски и Русковска потврдија дека некои од осомничените биле заинтересирани за спогодба, но дека до овој момент конкретна спогодба со осомничените за случајот „Рекет“ не е постигната, ниту е влезено во посериозни договори околу спогодбата.

- Реклама -