По барање на Владата, Венецијанската комисија го одложува конечниот став за Законот за јазици

Откако побара Венецијанската комисија да го оценува Законот за јазици, сега Владата бара истата таа Венецијанска комисија да го одложи конечниот заклучок за Законот, дознава „тв24“. Освен одложување, побарани се и дополнителни консултации.

Ваквото барање доаѓа набрзо по објавувањето на дел од заклучоците наведени во нацрт-мислењето за законот, чие изготвување, патем, е финансирано преку заедничкиот проект на Европската унија и Советот на Европа за Западен Балкан и Турција, а требаше да биде објавено на 18 октомври. Како што објави „Плусинфо“ пред два дена, драфтираните заклучоци претставуваат силна критика за Законот за јазици, а Комисијата препорачува преиспитување не само на самиот закон, туку и на причините поради кои е сменет стариот Закон за јазици од 2008 година.

Тоа кратко време од објавувањето на драфтираните заклучоци, сепак,  беше сосем доволно владината коалиција, макар и несакајќи, да ги покаже внатрешните меѓусебни несогласувања по ова прашање. Започна од Артан Груби од ДУИ, кој изјави дека цената (не само финансиска) на спроведувањето на Законот за јазици, која Венецијанската комисија ја наведува како превисока, е неспоредливо мала со цената на „мирот и меѓуетничките односи“, за денес премиерот Зоран Заев да рече дека Груби „лупал глупости“ и категорично да изјави дека сите забелешки на Венецијанската комисија ќе бидат имплементирани. Во исто време, вицепремиерот Бујар Османи изјави дека власта е обединета во ставот дека Законот е добар и дека треба да продолжи да се имплементира и спроведува. Дополнително, Груби порача дека премиерот Заев зборувал за самиот себе кога рекол дека „политичарите некогаш лупаат глупости“, иако тоа се однесуваше на, според многумина, зaкaнyвaчкaтa изјава на Груби.

Во меѓувреме, од прес службата на Венецијанската комисија, за ТВ „Алфа“, потврдиле дека pacправата за Законот за употреба на јазици ќе се одложи на барање на македонската влада, за кон средината на декември. Од Комисијата додаваат и дека сите прашања за причините за одложувањето треба да се упатат токму во Владата.

- Реклама -