Како се живее во Германија со просечна германска пензија?

Си колку пари преживува едно обично пензионерско семејство во Германија? Што можат да си дозволат германските пензионери со месечните приходи? Во разговор со „Дојче веле“, одговорите на овие прашања ги откриваат Уте и Ралф Шнајдер од Келн.

Тие се типично просечно пензионерско германско семејство. Во брак се речиси половина век. Уте има 75 години, а нејзиниот сопруг Ралф има 72. Уте има вкупно 38 години работен стаж, со пауза од 10 години – период во кој таа се грижела за двете деца. Ралф има работен стаж од вкупно 45 години.

„По професија Ралф е тапацер, без работа тој не може да седи. Затоа продолжи да работи и откако се пензионираше. Сега работи по неколку денови во неделата, за мала плата од 450 евра, на која не се плаќаат даноци“, раскажува Уте.

Таа пак, била службеник во државна канцеларија во Келн, а работела со скратено работно време – по 19.5 часа во неделата. Така ѝ останувало време за децата и семејството. Денес на двајцата им остануваат по околу 1.900 евра месечно, откако ќе си платат здравствено осигурување и даноци. Многу или малку е тоа во Германија?

„Ех, можеа да се и повеќе, но грев е човек да се пожали“, вели Уте.

За што им стигнуваат пензиите?

Најголемиот дел од приходите на семејството Шнајдер одат за кирија и режиски трошоци. Веќе 43 години живеат во трособен стан, за кој во 1976 година плаќале по 150 германски марки месечно, а денес плаќаат по 500 евра, плус по околу 200 за греење, вода и други тековни трошоци.

„Тоа сѐ уште е многу евтино, кога ќе се земе во предвид колку поскапеа кириите во Келн, но и во цела Германија“, вели Уте.

Вториот најголем дел од пензијата им оди за телефон, интернет, струја и разни осигурувања – од осигурување на имот, па до дополнително стоматолошко и автомобилско осигурување. Таму им одат уште околу 200 евра месечно. Кога од пензијата ќе се одземат овие близу 900 евра редовни трошоци, на Уте и Ралф им остануваат уште околу 1.000 евра – за храна, облека и сѐ останато.

Според Уте, иако и таа и Ралф живеат доста штедливо, парите заминуваат без да ги почувствувате. Уте е пушачка, а кутија цигари ја чини 6.60 евра.

„Му ветив на Ралф дека штом ги поскапат на 7 евра, ќе престанам да пушам. Кога ќе земете дека пушам по половина кутија дневно, би можеле да заштедиме по 100 евра месечно, а во годината тоа се 1.200 евра – колку што би нѐ чинел одмор во Шпанија“, објаснува пензионерката.

Парите што ќе им останат откако ќе платат сѐ погоре, Уте и Ралф ги трошат на подароци за децата и внуците, како и за излегувања во кафулиња и ресторани. На одмор одат главно во и околу Германија. Тие трошоци ги покриваат со дополнителните пари кои ги заработува Ралф – по околу 5.400 евра годишно. За следната година тие планираат да одат на еднонеделно крстарење по Дунав – од Пасау до Будимпешта. Тоа ќе ги чини вкупно 3.200 евра, вклучително и за осигурување. „Ние сме постари луѓе и не патуваме без осигурување“, појаснува Уте.

Дружење и социјализација

До скоро и Уте работела, или поточно – помагала, по неколку часа неделно во едно блиско кафуле. Меѓутоа, во меѓувреме го затвориле. Таму таа не добивала плата, но можела да си земе кутија цигари, да пие бесплатно кафе и чај и да контактира со гостите. Уте вели дека тоа ѝ било доволно.

„Сега само Ралф работи, а јас по цел ден безделничам“, се шегува и признава дека сѐ повеќе размислуваат да се преселат. Во нивната населба во Келн живеат многу студенти, кои се доста гласни, а Ралф и Уте сакаат мир и тишина. Размислуваат за живеалиште со слична висина на киријата во некој од помалите градови во близина. Веројатно тоа ќе биде куќа, бидејќи желба им е да имаат голема тераса или мало дворче и да посвојат куче од некое од засолништата. „Не сакаме мало кученце (од продавница) бидејќи не сакаме по некое време да остане без сопственици. Не му посакуваме таква судбина“, вели Уте.

 

- Реклама -