Во кабинетот на црногорскиот претседател – Мило Ѓукановиќ, пристигнало писмо со извинување од кабинетот на претседателот на Северна Македонија – Стево Пендаровски, за протоколарната грешка при официјалната посета на Ѓукановиќ во Скопје, соопштиле од Службата за информирање на претседателот на Црна Гора, пренесоа синоќа црногорските медиуми. Имено, при средбата на двајцата претседатели, како што може да се види и од фотографијата, црногорското знаме е поставено наопаку.
„Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија се извинува за превидот при официјалната посета на претседателот на Црна Гора – Мило Ѓукановиќ. Направен е ненамерен превид при поставувањето на црногорското знаме на тет-а-тет средбата на двајцата претседатели“, се наведува во извинувањето.
Како всушност треба да е поставено знамето, може впрочем да се види и од останатите фотографии од средбата на Пендаровски и црногорскиот колега, каде повеќе се внимавало на протоколот.