Потпишан аранжманот за надзор на воздушниот простор со Грција, земјава веќе е во НАТО, порачува Шекеринска

Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за национална одбрана на Република Грција денеска во Атина потпишаа Технички аранжман за надзор на воздушниот простор, соопштија од Министерството за одбрана.

Со потпишувањето на Аранжманот, од страна на началникот на Генералштабот – генералот Васко Ѓурчиновски и началникот на одбраната – генералот Христос Кристодулу, се официјализира мисијата „Air– policing“, која ќе се реализира во координација со НАТО.

Потпишаниот аранжман произлегува од новиот Договор за соработка во одбраната, потпишан од страна на министрите за одбрана, Радмила Шекеринска и Евангелос Апостолакис, за време на посетата во април годинава на високата владина делегација на Грција на нашата држава, додаваат од Министерството.

Во мај годинава, потсетуваат во соопштението, со два прелети во воздушниот простор на Република Северна Македонија од страна на воздухоплови Ф-16 на грчката армија, се изврши првиот пробен прелет за потребите на НАТО мисијата „Air-policing“, со цел проверка на комуникациите и радарската покриеност на нашиот воздухопловен простор. Мисијата „Air-policing“ е ексклузивна придобивка која важи само за земјите членки на Алијансата и вклучува користење на системот за следење на воздушниот простор и управување со системот за команда и контрола на воздухопловните сили со соодветни сили и средства за противвоздушна одбрана, вклучувајќи и борбени авиони. Целта е заштита на интегритетот на воздушниот простор на НАТО земјите членки, објаснуваат од министерството, додавајќи дека и Црна Гора потпишала технички договор за  „Air-policing“ со Грција и Италија во текот на пристапувањето во НАТО.

Прочитајте и:  Бауер: НАТО сојузниците, наместо сегашните 2%, во иднина ќе треба да инвестираат близу 3% од својот БДП во одбраната

За вицепремиерката и министерка за одбрана – Радмила Шекеринска, со ова земјава и практично веќе е во НАТО:

„Заштитата на небото е ексклузивно право само на земјите членки на НАТО. Одбројуваме до полноправно членство!“, порача таа на друштвените мрежи.

- Реклама -