Италијанскиот хуманитарец Стефано Павези на Фејсбук објави фотографии од српски деца на Косово со порака до 16-годишната шведска активистка Грета Тунбер
Павези, кој е и член на Лигата за север во Милано, вели дека Грета има среќа, затоа што кога таа плаче, светските моќници ја слушаат, додека на овие деца им е одземено детството.
„Драга Грета, ти си благословена да можеш да плачеш и да те слушнат светските моќници и да те пречекаат на големите собири. Благословена си да можеш да патуваш и да преминеш илјада мориња. Благословена си да можеш да плачеш и да кажеш ‘ми ги украдовте соништата и детството со вашите празни зборови’. И благословени се оние на кои си им потребна за да веруваат во нешто, за да се почувствуваат како глобални активисти“, напиша Павези.
Меѓутоа, вели тој, „во овој момент децата од едно основно училиште во српската енклава на Косово живеат во трошни куќи, опкружени со омразата на оние што сакаат да ги истребат од таа територија, а сепак се смеат најсреќно на свет кога на подарок ќе добијат тетратка што чини половина долар“.
„Бидејќи додека ти, драга Грета, патуваш низ светот, твоите српски врсници на Косово не можат да излезат од својата енклава. А сигурно е дека немаат време да зборуваат во ООН за климатските промени, затоа што треба да работат напорно за да дојдат до храна и нешто да каснат пред да легнат да спијат, затоа што водечките земји-членки на ООН во 1999 година ги бомбардираа нивните домови и им ги убија родителите“, заклучува Павези, кој веќе неколку години го посетува Косово како дел од хуманитарната акција за да им помогне на тамошните Срби.
Mkd.mk