Денеска ќе се гласа за преговорите на Македонија со ЕУ

Германскиот Бундестаг денеска и официјално треба да даде зелено светло за почеток на преговорите со Европската Унија за Северна Македонија и Албанија, а на седницата по покана од претседателот на германскиот Парламент, Волфганг Шојбле, ќе присустува и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Тој вчера во Берлин имаше средба со пратеникот во германскиот Бундестаг, Кристијан Петри од втората по големина политичка групација – партијата СПД.

Османи и Петри разговараа за поддршката за одлуката за старт на преговорите, а вицепремиерот по средбата истакна дека добил охрабрувачка порака од германскиот пратеник.

„Нова, охрабрувачка порака денеска ми пренесе г. Петри, дека и од пратеничката група на неговата партија, СПД, која е и втора по број на пратенички места, вчера со огромно мнозинство донеле одлука со која ќе гласаат за донесување на одлуката за почеток на преговорите на земјата со ЕУ. Утре е седницата на Бундестагот каде што се наоѓа нашата точка и сѐ поочигледно е дека Германија ќе гласа „за“ на европскиот самит во октомври“, изјави Османи по средбата со Петри, изразувајќи благодарност за поддршката.

За почнување на претпристапните преговори со ЕУ конечната одлука ќе ја донесе Советот на Унијата кон средината на следниот месец.

Оптимизам дека на Самитот на ЕУ во октомври ќе биде донесена позитивна одлука за старт на преговорите вчера изрази германскиот амбасадор Томас Герберих.

- Реклама -