Кратко траеше „распитот“ на Јанева, здравствената состојба ѝ е релативно добра

Фото: МКД.мк

Ни цел час не помина поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на распитот кај обвинителката Вилма Русковска. И Јанева, како и вчера Бојан Јовановски ака. Боки 13, ќе го искористи нејзиното право да изврши личен увид во доказите, па дури потоа ќе даде исказ, соопшти нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска во изјава за медиумите. Како што рече таа, увидот ќе започне во четврток (од утре увид ќе вршат Боки 13 и неговиот адвокат Сашо Дуковски), а за утре Русковска им најавила и дека ќе го добијат известувањето за завршувањето на истрагата, кое на Јовановски му беше врачено вчера.

Фрчкоска искоментира и дека Обвинителството било должно да ја сослуша осомничената пред да ја заврши истрагата.

Со завршувањето на истрагата, од друга страна, се отвора можност за барање на ослободување на Јанева од притвор и барање истиот да биде заменет со поблага мерка, потврдија адвокатите.

„Со завршување на истрагата отпаѓа точката 2 – влијание врз доказите, така што, да, ќе се створи можност притворот да остане само по точка 1 – можност за бегство, и ќе се отвори можност за нудење на гаранција, односно Јанева да се брани од слобода со гаранција“, објасни вториот адвокат на Јанева – Дељо Кадиев.

Прашани зошто Јанева има потреба од втор адвокат, Фрчкоска и Кадиев објаснија дека да се има двајца адвокати е сосема вообичаен и чест случај. Што се однесува до тоа како Јанева ќе ги плати, односно дали нешто знаат за писмото со кое барала средства од колективниот фонд на вработените во СЈО, за со нив да ја плати својата одбрана, адвокатите рекоа дека сѐ уште немаат информација, бидејќи денеска не стигнале да зборуваат на таа тема.

Прашана за здравствената состојба на Јанева, Фрчкоска (која неодамна во интервју за „ТВ21“ тврдеше дека посебно психичката состојба на Јанева е значително влошена) рече дека освен хроничните болести, сега состојбата на нејзината клиентка е релативно добра. Адвокатката додаде дека Јанева е под висок стрес, но оцени дека таквата состојба е нормална и би била вообичаена кај секој што би се нашол во нејзината позиција.

Прашана за увидот во доказите, Фрчкоска потврди дека меѓу нив има и телефонски разговори од оние што беа објавени во јавноста. Адвокатката, меѓутоа, одби да коментира каде завршиле парите.

- Реклама -