Различни медиуми доаѓаат до различни детали за тоа како се трошеле парите од „заедничкиот фонд“ на обвинителите и вработените на СЈО. Според дел од обвинителите, изненадувачко е писмото на Јанева со кое бара да ги добие средствата од фондот за да ја плати својата одбрана. Според други, во фондот нема ништо спорно и во ништо посебно не се разликува од праксата на собирање пари и во други фирми, а немаат против ни парите да се распределат назад на сите вработени, вклучително и Јанева.
Медиумите, секој од своите извори, доаѓаат до истата информација за тоа како се собирале парите: Фондот постои најмалку три години, а обвинителите плаќале по 3.000 денари, додека останатите вработени плаќале по 1.000 денари. Тие пари делумно биле наменети за приватни потреби на вработените, од погpeби, до свадби, опеpaции и слично, но и за потреби и помали набавки за самата институција, особено во старата зграда.
Според изворите на „МКД.мк“, меѓутоа, некои од вработените никогаш не добиле од парите од фондот, иако така било договорено, а според изворите на „Телма“, за свадбите и други поводи кај вработените парите се собирале дополнително, независно од фондот. Дополнително пари се собирале и за родендски и осмомартовски подароци за екс-шефицата Катица Јанева, но и за во други прилики кога Јанева имала поводи за прослава. Според „МКД.мк“, сумите за подароци достигнувале до 4.000 евра.
Според изворите на „НОВА“, пак, парите од фондот главно оделе за институцијата, за итни или помали поправки – како набавка на клима уред, но и за купување на тонери, бидејќи обвинителите не смееле да ги копираат материјалите надвор од институцијата, а временските рамки не дозволувале да се чека набавка. Најголемиот дел од парите, сепак, според соговорниците на порталот, оделе во хуманитарни цели и биле донирани на лица на кои им била потребна помош, особено за оние за кои имало прилози на телевизиите и медиумите.
Во меѓувреме, никој освен благајникот не знае колку точно пари има во фондот, бидејќи со нив раководела Јанева. Нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска, од друга страна, за „ТВ24“ вели дека не е запознаена со најновото писмо на Јанева, иако дел од обвинителите од СЈО потврдуваат дека такво пристигнало.