СТЕ ЧУЛЕ ЗА КУЛТНАТА КАРПА – МЕЧКА?

Врвот „Мечка“, јужно од селото Селце, Прилепско, се одликува со фасцинантна конфигурација. Со зачудните камени форми, овој врв, му дава култен белег на околниот простор.

Вниманието, посебно, го привлекува една помала карпа на подлога од голема карпеста површина, на масивна карпа, на источниот дел од самиот врв. Карпата има зооморфна форма – личи на мечка наведната како да јаде и веројатно поради неа локалитетот е наречен „Мечка“. Карпата – мечка е поставена на голема карпа со широко плато, со главата кон запад, а со грбот кон исток. Од југозападната страна на „мечката“ поблизу до главата, се среќаваат две кружни длабнатини. Првата се наоѓа на 1 м од карпата со пречник 0,13 м и длабочина 0,05 м, а втората на околу 2 м со пречник 0,16 м и длабочина 0,04 м. Две кружни длабнатини има и од северната страна. Едната од нив е издлабена во мошне правилна форма со пречник 0,13 м и длабочина од 0,05 до 0,08 м на растојание од 0,85 м и се наоѓа на средината од отворот на карпата меѓу главата и телото. На 0,70 м североисточно од претходната јама и на 1 м од карпата – мечка се наоѓа уште една кружна јама со пречник 0,18 м и длабочина 0,05 м.

На источната страна од карпата – мечка, на 3 м од неа, на рамен дел од карпата–подлога, се наоѓа уште една кружна јама со пречник од 0,09 м и длабочина 0,04 м.

На одвоен дел од карпата–подлога, со процеп од 0,30 м, пред самиот раб, на 2,5 м од претходната кружна јама се наоѓа уште едно кружно задлабување со пречник од 0,08 м и длабочина 0,07 м.

На 8 м југозападно од опишуваниот објект се наоѓа издвоен дел од големата карпа со рамна површина на горниот дел, на кој се наоѓа корито со неправилна правоаголна форма

Белези на карпата – мечка:

На јужната страна на карпата-мечка се наоѓа голема долгнавеста, хоризонтално поставена длабнатина со кружно задлабување со пречник 0,08 м на источниот дел.

На „грбот“ на карпата – мечка се среќаваат една голема и неколку помали природно издлабени јами.

Димензии на карпата – мечка

висина на телото: 3,50 м

висина на главата: 2,50 м

должина во основата: 4,40 м

ширина на телото: 4,40 м

висина на вратот: 1,20 м

ширина на главата: 2,00 м

Белешка 1: За карпата-мечка на врвот „Мечка“ кај селото Селце, Прилепско има и предание, кое гласи:

„Некогаш, во некое постаро време, една мечка влегла во стадото од манастирот „Св. Димитрија“ над селото Селце и грабнала едно јагне. јагнето го однесла на врвот мечка, се качила на една од најголемите карпи и зела да го јаде. Кога разбрал св. Димитрија дека мечката му украла јагне на местото ја скаменил и, таа, до ден денес останала скаменета на карпата каде што го јадела јагнето.“

Преданието ни го раскажа Петре Николоски, кој денес живее во Селце.

Белешка 2: На 50 м југозападно од карпата – мечка се наоѓа уште една фасцинантна карпа висока околу 3 м, исправена како менхир на поголема карпа со височина од десетина метри. Карпата за која станува збор е закосена кон југозапад, со мала основа на која е поставена, така што изгледа дека секој момент ќе падне. На карпата основа има голем број природно издлабени форми со поголеми димензии. Од јужната страна на големиот комплекс од карпи, на кои се поставени и двете фасцинантни форми се наоѓа голема тераса со земни површини, но и голем број други карпи со многу кружни задлабувања од поставувани столбови и сл. На локалитетот „Мечка“ се наоѓаат фрагменти од разни керамички садови од новото камено време и бронзениот период, како од цедалки, куќни садови, фигури на женски статуетки, тегови, камени орудија, кремен и сл.

Датирање: Со оглед на фактот што „Мечка“ е локалитет со археолошки траги од населба од праисторијата, од енеолитот и бронзеното време, култното третирање на карпата – мечка може да се поврзе токму со овие периоди.

Целата статија ТУКА

- Реклама -