Одбраната на Јанева ќе ги спори снимките на Камчев бидејќи биле прибавени на нелегален начин

Адвокатката на Катица Јанева, Ирена Фрчкоска во вечерашното гостување во емисијата 360 Степени најави дека одбраната најверојатно ќе бара снимките кои ги снимаше Орце Камчев да не бидат користени како докази, бидејќи се прибавени на нелегален начин.

– Сега ќе треба да видиме дали тие снимки ќе можат да се користат како докази во постапката, бидејќи се прибавени на нелегален начин. Не може како „бомбите“ кои се користат како докази, бидејќи тие иако беа прибавени на нелегален начин, беа озаконети со Законот за специјално обвинителство. А, овие снимки се третираат како докази прибавени на незконит начин и како такви треба да бидат издвоени во постапката – вели Фрчкоска.

Таа рече дека за неа е спорно и што во образложението за разрешување на Јанева се користи терминот „незаконито дејствие“.

-Јас очекував да ја разрешат од функцијата специјален јавен обвинител. Спорна е одлуката со која таа е разрешена од функцијата јавен обвинител во Гевгелија и како тоа беше поистоветено со разрешување од специјален обвинител. За мене е спорна употребата на терминот „незаконито дејствие“, бидејќи тоа се одредува само со судска пресуда. Ниту Советот на јавни обвинители, ниту Парламентот не можат да утврдат незаконитост – вели Фрчкоска.

- Реклама -