Се сеќавате на Ѓурѓа Георгиева, која пред некој ден ја спомнавме како главна пречка што не можете да добиете награда на грепките од Лотарија на Македонија? Тогаш пишавме и дека, како што пренесе „Слободен печат“, на друштвените мрежи многумина се сомневаат во легитимноста на среќата на струмичанката, која неверојатно често ги освојува главните награди. Е па, тие што се сомневаат во Ѓурѓа, џабе арчат зборови.
Вчера Државна лотарија ја поканила г-ѓа Ѓурѓа Георгиева во нивните простории за да ја раскаже својата приказна пред камера, а дел од таа приказна пренесе и преку соопштение. Како што велат од Државната лотарија, Ѓурѓа е еден од нивните најверни играчи на инстант лотарија, но и една од ретките кои целосно ја разбираат потребата од транспарентност, што е и причината што за разлика од останатите добитници, кои не се согласуваат ниту да им се спомнат иницијалите, Ѓурѓа со лик и дело, со име и презиме, гордо стои пред објективите на Државната лотарија секогаш кога ќе добие награда.
Ова со транспарентноста, додуша, може да ѝ е последица од долгите години поминати живеејќи во Швајцарија, каде инстант лотаријата ја играла од забава. Таму грепките ѝ станале дел од секојдневието, а по враќањето на Македонија, струмичанката значително го зголемила обемот на купување грепки, со оглед дека овде се продаваат по многу поприфатлива цена.
Во семејството на среќни добитници на инстант лотаријата на Лотарија на Македонија, Ѓурѓа се придружила во 2014-та, кога добила една од 10-те премии автомобили „Голф 7“ на инстант лозот Седма Брзина. Дека Ѓурѓа е мaниjaк за грепки, потврдува и нејзиното присуство на речиси сите промоции на Државната лотарија во Струмица и цела источна Македонија, како и на поголемите промоции во Скопје. Инстант лозови купува во Ново Село и Струмица, но и во Штип, Велес, Скопје и во Прилеп и секаде каде што оди на посета на роднини. А кога не оди, порачува по сопругот, пријатели и таксисти да ѝ купат лозови од различни градови од земјава.
Ѓурѓа никогаш не купува помалку од 200 лозови дневно (најчесто купува и повеќе, речиси секој ден, а во недела задолжително), а паричните добивки од 5.000 денари веднаш ги инвестира во нови грепки. „Во согласност со политиката за одговорно играње, ова не е наша препорака, но станува збор за нејзин избор“, велат од Државната лотарија.
Џабе везат. Ѓурѓа е од оние што не само на свадба, туку и на било каква прослава ќе ви донесе букет, ама рачно направен од грепки. Не знае колку пари троши, но вели дека добивките горе-долу ѝ ги балансираат трошоците. Со лозовите добива и гратис дружба, бидејќи во гребењето ѝ помагаат и домашните, пријателите и соседите.
Откако Ѓурѓа се вклучила во инстант лотаријата, Државната лотарија имала близу 30 видови пласирани лозови, со вкупно 177 премии, од кои 67 возила и 110 парични премии (+ 365 електрични тротинети и 40 смартфони). Од нив, Ѓурѓа има освоено две возила, четири парични премии и еден смартфон, како и други парични добивки од сите категории. Од поголемите добивки, струмичанката освоила (по хронолошки редослед): На лозот Подарок – прва добивка, во 2014та, освои една од 30те премии од 60.000 денари; На лозот 7ма брзина, освои еден од 10те возила Голф 7; На лозот Среќни коцки освои една од 5те премии од по 1.000.000 денари; На лозот Детелинка, освои една од 20те добивки од по 100.000 денари; На лозот Дијамант (серија 1 и 2), освои една од 38те добивки од 150.000 денари, една од 45те добивки од 50.000 денари, една од 55те добивки од 10.000 денари; На лозот Златна рипка (серија 1,2, 3, 4 и 5), свои една од 75те добивки од по 50.000; На инстант лозот Паркирај Хибрид, освои еден од 10те возилата Тојота Аурис Хибрид; На лозот Среќен роденден освои еден од 40те смартфони; На лозот Златна треска освои една од 5те премии од 585.000 денари; На лозот СЕФ (серија 1, 2 и3) освои една од 9те премии од 600.000 денари… То be continued…