Демантот на премиерот Зоран Заев за, како што ги нарече, „лагите со опашки“ на Антонио Милошоски – дека најавил излегување на Катица Јанева од притвор во Шутка и замена на мерката со домашен притвор, се чини само му даде дополнителна муниција на Милошоски.
„Остро ги деманитрам ваквите лаги, бидејќи на лидерската средба кога се отвораше дебатата зошто воопшто се преговара кога предметите поминуваат во Јавното обвинителство, мојот коментар беше оти од Ирена Фрчковска сум информиран дека е логично Јанева да бара да ги достави предметите заради одговорност, но веројатно и жената да си бара олеснителни мерки во истрагата, заради невлијание на сведоците, невлијание на предметите. И тоа е коментарот за да продолжиме да преговараме. Вака некој со лаги тоа да го злоупотреби е нечесно кон јавноста и нека му е на чест на Милошоски, изјави денеска Заев.
Приликата за поентирање пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ ја виде токму во споменувањето на Ирена Фрчковска, за која јавноста неодамна дозна дека е новиот адвокат на Катица Јанева. Милошоски, задоволен од „невештиот демант“ на премиерот, на Фејсбук напиша:
„Заев денес се обиде невешто да демантира, но добро е што призна дека бил во комуникација со адвокатот на рекетарката Катица Јанева. Сега е уште побитно да одговори на неколку прашања.
Прво, во кое својство премиер на држава, кој не ни обвинител, ни судија, во екот на најголемиот скандал на правосудството во историјата на Македонија, е во контакт баш со адвокатот на осомничената рекетарката и зошто со неа разговарале за мерките за обезбедување притвор или куќен притвор за Катица Јанева?
Второ, од каде доаѓа потребата на адвокатката Ирена Фрчкоска да го извести токму премиерот Заев за тоа кои чекори ќе ги превземе осомничената Катица Јанева?
И трето, дали оваа блиска координација на адвокатката и премиерот е во улога на ‘консилиере’ на групата за ‘Рекет’ и кој е тука главниот?“, прашува Милошоски.
Неодамна, пак, во интервју за ТВ „Алфа“, адвокатот Јанаки Митровски објасни дека тому со невлијание врз сведоците и невлијание врз предметите, Јанева се надева да отстрани две од основите врз кои ѝ е изречена мерката притвор:
„Постои лична причина кај Катица Јанева (да бара СЈО да ги предаде предметите). Не заборавајте дека притворот ѝ беше одреден по сите три основи, а со самото предавање на предметите ќе отпаднат, барем таа се надева, две од тие три. Тоа се: можноста да се повтори кривичното дело, влијание врз истрагата, и влијание врз сведоците. Со тоа таа би се надевала на евентуално добивање на домашен притвор“, рече тој.