Бојан Јовановски алијас Боки 13 – првоосомничен во случајот „Рекет“, нема наскоро да ја вкуси слободата од другата страна на ѕидините на истражниот затвор во Шутка. Денеска на Јовановски му е вкупно 60-ти ден во притвор, откако еднаш мерката веќе му беше продолжена за 30 дена. Таму на 19-ти август го „прослави“ и својот 33-ти роденден, годинава не толку гламурозно. Вчера, пак, Кривичниот совет решил да му ја продолжи мерката притвор на Боки 13 за уште 30 дена, неофицијално дознава и објави „Фокус“.
Покрај Боки Тредичи (прекар кој го доби по објавувањето на снимките со торбата со евра, марка Луј Витон), во притвор се и второосомничениот Зоран Милевски – Кичеец, како и третоосомничената – специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Јовановски сѐ уште не бил повикан на распит во Јавното обвинителство кое ја води истрагата, а Јанева таму се најде ден пред нејзиното апсење. Кичеец се соочи со обвинителката Вилма Русковска ден порано од Јанева, а распитот траеше околу три часа.