Ванковска за песничката за “Северна”

„Имплементацијата на националниот инженеринг (Преспа) има многу лица, а она што отсекогаш го сметав за најпогубно е всадувањето на нивните политички мантри во главите на децата преку училишниот систем.

Не е толку опасно ако ви издадат документ на кој лепнале СЕВЕРНА, но кога децата ги тренираат и дициплинираат – тоа е долгорочна операција на асимилација и одродување, реагира професорката Билјана Ванковска откако на социјалните мрежи се споделува текст од песна за првачиња во кој татковината се нарекува „северна“ Македонија.

„Оние кои по директива си ги менуваат и ЛИЧНИТЕ биографии уште полесно ги моделираат своите (и туѓите) деца. Ако капитулираме/капитулирате како наставници и родители, тогаш сте се откажале од Македонија. Тоа да си знаете! Полето на отпор кон нелегалното и насилно наметнатото е широко и акцијата се води секојдневно.

Гледам збунети родители (особено на првачиња) кои не знаат како да постапат и што да им кажат на децата кога таму ги лажат дека „цел свет пеел за Северна Македонија“. Ако нашите предци, под туѓинска окупација, дома им шепотеле на децата дека тоа што им го кажуваат на училиште не е вистина, и ја негувале сопствената историја, тогаш со кое право ние во своја држава се покоруваме на нелегитимни власти кои излегоа од границите на правото и го изгубија легитимитетот со секоја лага која ја искажаа???

Што да правите? Едноставно: дома ќе им цртате и пишувате песнички за Република Македонија! Страв ви е дека детето ќе се „издаде“ во училиште и некој ќе ве стави во црн тефтер? Тука немам совет: до вас си е! Секој мора да се бори со сопстевниот страв – и тоа се вика храброст! Да, знам дека е парадоксално и ненормално во своја држава да се чувствуваме како отпадници и „герилци“, ама секоја друга опција ве води кон нешто многу полошо, нешто што кога ќе пораснат децата нема да ви го простат. (А бидете убедени дека во ваква недојдија, како и да ја наречат, ако не се оправи, никој нема да сака да остане).

Дуализмот во мислењето и резонирањето, како и отпорот кон наметнатите авторитети, беа лекции кои ги научив од мојот храбар и преумен татко. Меѓу првите лекции што ги добив од него, додека уште бев во основно училиште, беше дека е учителките грешат и дека не се најумни на светот, дека можеби не треба секогаш да се конфронтирам отворено, но да не дозволам да ми ја наметнат нивната вистина. Отпорот кон авторитетите и системот се учи од мали нозе, исто како што пропагандата дава најмногу резултати во таа возраст. Сега прашањето е: ќе бидете Граѓанинот покорен или ќе одбиете? Толку.

- Реклама -