Еден од најдобрите српски репрезентативци, дефанзивецот Бранислав Ивановиќ, за разлика од некои негови колеги, сепак смета дека натпреварот против нашата репрезентација утре во Скопје може да биде клучен околу натамошниот тек на квалификациите.
За разлика, од Бркиќ, Сулејмани или Шчеповиќ, Бранислав Ивановиќ смета дека со пораз Србија во голема мера ќе се збогува од шансите за освојување на првото место во групата, па и за место во баражот…
„Натпреварот во Скопје за нас ќе значи победа или збогум… Не сакаме да се осврнуваме на тоа што беше против Белгија затоа што тоа сега ништо нема да помогне. Сега мислиме само на Македонија, затоа што да не се залажуваме тоа е многу значаен натпревар за нас“ вели Ивановиќ, кој дополнува дека ќе биде многу тежок натпревар.
„Колку што знам од фудбалската историја на Македонија ниту еден тим не се наиграл против нив во Скопје. Секогаш е тешко да се игра на овој терен, но ние мора да одиме на една карта – победа“ коментира Ивановиќ.