Ешли Кол се двоуми помеѓу ПСЖ и Реал Мадрид

Ешли Кол ја игра својата последна сезона како член на Челзи откако пропадна уште една рунда разговори за продолжување на неговиот договор со актуелниот европски шампион.

Англискиот репрезентативец е разочаран што управата на Челзи нема намера да му понуди договор подолг од една година, па веќе им ставил до знаење на своите работодавци дека нема намера одново да преговара, туку дека следното лето како слободен играч ќе си замине од „Стемфорд бриџ“.

Кол веќе во јануари ќе има право да преговара и да потпише преддоговор со клубовите надвор од Премиер лигата, а се очекува главен збор во трката по неговите услуги да имаат Реал Мадрид и ПСЖ.

Жозе Мурињо го доведе Кол од Арсенал во Челзи и сега би сакал да го види левиот бек и во дресот на „Кралевите“, но истото важи и за Карло Анчелоти, кој во Англичанецот гледа искусен играч што дополнително ќе ја зацврсти одбраната на „Светците“ од Париз.

Прочитајте и:  Мбапе незадоволен и не сака да игра центар во нападот на Реал Мадрид

Челниците на Челзи немаат намера да го сменат својот став, откако Роман Абрамович јасно ставил до знаење дека сака да го подмлади тимот. Впрочем, летово и Дидие Дрогба си замина затоа што му беше понуден само едногодишен договор, а во јули истото ќе го стори и Кол.

Англиските медиуми најавуваат дека по нивните стапки ќе тргне и Френк Лампард, кој што исто така станува слободен играч на крајот од сезонава, а веќе доби атрактивни мултимилионски понуди од клубови од Кина и од САД.

- Реклама -