Нов удар за Борис Џонсон

Британската министерка за труд Амбер Рад вчера поднесе оставка истакнувајќи дека не може да остане на таа позиција додека нејзините колеги се исфрлани од партијата.

Рад објави дека ја поднесува оставката доцна синоќа на Твитер.

„Не можам да седам од страна додека добрите, лојални и умерени конзервативци ги исфрлаат од партијата“, напиша поранешната министерка.

Рад на референдумот за членството во Европската Унија во 2016 гласаше за останување.

Иако првично се противеше на излегувањето без договор, кога ѝ се придружи на владата на премиерот Борис Џонсон прифати дека тоа е опција која мора да биде на масата, напиша во писмото за оставката до премиерот.

„Но, повеќе не верувам дека главната цел на оваа влада е излегување со договор“, додаде.

Џонсон вети дека Британија ќе ја изнесе од Европската Унија на 31 октомври, со или без договор.

Претходно неделава тој од партијата исфрли 21 конзервативен пратеник бидејќи не гласаа во согласност со желбите на неговата влада.

- Реклама -