Косовскиот министер Хоџај: Тринаесет земји го повлекоа признавањето, уште десет може тоа да го сторат

Tринаесет држави го повлекле признавањето на Косово, а уште десет може да го сторат истото.

„Постојат веродостојни информации дека е можно уште десет држави да го повлечат признавањето на Косово“, рече косовскиот вицепремиер во оставка, Енвер Хоџај, пренесува „Бета“.

Тој во емисија на КТВ изјавил дека од една соседна држава добиле информации дека Србија подготвува кампања за повлекување на признавањето.

„Тринаесет држави го повлекоа признавањето. Прво мора да го разбереме карактерот на нашата државност. Ако бевме членка на ООН, признавањето би било универзално. Во ситуација кога една земја го признава Косово, треба да се воспостават дипломатски односи. Некои од нив се навистина ранливи“, рекол Хоџај, додавајќи дека дијалогот со Србија имал за цел, меѓу другото, да доведе до тоа нови држави да го признаат Косово.

Хоџај рекол дека на Косово му е потребна надворешна политика што има оперативен план и стратешки пристап и истакнал дека повлекувањата на признавањата на Косово би можеле да се избегнат.

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ минатиот месец соопшти дека 15 земји го повлекле признавањето на Косово.

По интервенцијата на НАТО против Србија во 1999 година и повлекувањето на српските безбедносни сили од тогашната јужна покраина албанските власти во Приштина во 2008 година со поддршка на САД и главните земји членки на Европската унија, еднострано прогласи независност која според тврдењата ја признале повеќе од сто земји, но не и две водечки велесили со право на вето во Советот за безбедност при ОН – Русија и Кина.

- Реклама -