Бранко Героски, уредникот на „Плусинфо“ потврди дека тој и пратеникот на СДСМ, Александар Кирацовски, имале средба, но и дека поранешниот генерален секретар, како што вели тој, му признал дека посредувал во организирањето на состанокот помеѓу осомничениот во „Рекет“ Бојан Јованоски, бизнисменот Силјан Мицевски и битолската градоначалничка Наташа Петровска
„Точна е дека со Александар Кирацовски се сретнавме во почетокот на август годинава и точно е дека во таа прилика му реков дека веројатно сум направил фаул кон него во моите написи за аферата “Рекет”. Во една колумна подоцна објаснив дека улогата на Кирацовски во аферата се состои во активности кои овозможиле рекетарската група да ги лови своите жртви или потенцијални соработници. И тоа Кирацовски го правел во својство на генерален секретар на СДСМ. Што, пак, не мора да значи дека и самиот учествувал во рекетирањето.
И јас ќе бидам индискретен и ќе кажам што мене ми кажа Кирацовски на таа средба, до која дојде на негово инсистирање, откако во текот на јули неколку пати упорно ме бараше и ме молеше јавно да соопштам дека тој не бил Кики. Имено, на таа средба Кирацовски ми призна дека посредувал во организирањето на состанокот помеѓу осомничениот Бојан Јованоски, бизнисменот Силјан Мицевски и битолската градоначалничка Наташа Петровска. Како што е познато, на таа средба, како и со два дописа до неа, е вршен притисок Петровска да одобри пренамена на парцела на Мицевски за изградба на хотел (демек, старски дом), без измена на Деталниот урбанистички план. “Моја задача, како генерален секретар на СДСМ, беше да ги спојувам луѓето. Освен тоа, јас сум личен пријател со Силјан Мицевски”, ми рече Кирацовски. Ете баш со тие зборови“, напиша Героски на својот профил на Фејсбук.
Денеска Кирацовски беше да даде исказ како сведок во Јавното обвинителство за случајот „Рекет“ а потоа рече дека минатиот месец Героски лично му признал дека „му направил фаул“.кога побарал од него да не го поврзува со псевдонимот „Кики“.
– Ќе ми прости Геровски што ќе го споменам, имавме една средба со него. Лично сакав да проверам што тоа значи, дали ме препознава мене или некој друг. Геровски ми призна лично дека во однос на мене направил фаул, така се изрази.
Сакав да го споделам ова со јавноста, се надевам дека и тој ќе го сподели, рече пратеникот на СДСМ.