Комисијата за избори и именувања без дискусија донесе одлука да му предложи на Собранието да ја разреши специјалната обвинителка Катица Јанева, кажа претседателот на комисијата Илија Димовски.
„Комисијата без дискусија, со едногласна одлука, го утврди предлогот до Собранието госпоѓата Катица Јанева да биде разрешена од функцијата специјална јавна обвинителка заради незаконито, несовесно и нестручно раководење со институцијата Специјално јавно обвинителство“, изјави Димовски по седницата, која беше затворена за јавноста.
Одлуката на комисијата сега оди кај претседателот на Собранието Талат Џафери, кој треба да закаже пленарна седница, на која за да се разреши Јанева потребно е двотретинско мнозинство.
Јанева е во притвор од 21 август, осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања во случајот „Рекет“.
Вчера, Јанева од притвор испратила писмо до Специјалното јавно обвинителство со кое колегите ги известила дека предметите му ги отстапува на Јавното обвинителство. Писмото од СЈО е препратено до државниот обвинител Јовески, кој во рок од три дена треба да се изјасни што ќе прави со предметите на Јанева. Според Законот за кривична постапка може Јавниот обвинител да ги распредели предметите кај истите обвинители од СЈО, кои сега ги застапуваат како помошници на Јанева. Може да ги даде и на други обвинители.
Мандатот на Јанева ѝ истекуваше на 15 септември.