Михајловиќ вели дека Македонија е секогаш опасна

Српските репрезентативци Душан Тадиќ и Матија Настасиќ, заедно со селекторот Синиша Михајловиќ, беа присутни на денешната прес-конференција во пресрет на утрешниот дуел на „Филип Втори“ против селекцијата на Македонија.

Јасно е дека нашиот северен сосед ќе стори сѐ за да дојде до цел плен во Скопје, но Михајловиќ ги предупреди своите избраници дека нема да имаат ни малку лесна задача. Отсуството на Горан Пандев според многумина е предност за Србија, но селекторот Михајловиќ предупреди дека тоа не смее да влијае врз изданието на неговите избранци.

„Македонија е секогаш опасна, без разлика дали се трибините преполни не, дали ќе игра Пандев или некој друг. Против себе ќе имаме 11 играчи коишто ќе бидат мотивирани да победат, исто како што ќе биде случај и со моите избраници. И покрај тоа, веруваме во успех. Поразот од Белгија не влијаеше премногу разочарувачки бидејќи до 60. минута игравме одлично, имавме многу шанси, но за жал потфрливме при реализацијата. Иако доаѓаме во пријателска земја, свесни сме дека нема да има пријателство на теренот“ истакна кормиларот на српскиот национален тим.

Сличен е ставот и на младиот дефанзивец Матија Настасиќ, новиот член на Манчестер Сити што ќе ја има улогата на стартер на утрешниот натпревар.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

„Ние се подготвуваме како и за секој друг натпревар. Врз нас не влијае кој игра во нападот во противничкиот табор, имаме задачаи што мораме да ги исполниме за да не дозволиме голманот да ја вади топката од мрежата. Македонија има и други опасни напаѓачи освен Пандев и ќе дадат сѐ од себе за да постигнат гол. Наше ќе биде да ги запреме во нивните намери“ истакна Настасиќ.

Душан Тадиќ е еден од оние фудбалери кои што добива значителна улога токму со доаѓањето на Михајловиќ на селекторската функција. Фудбалерот на Твенте ја изрази желбата за победа, но исто така и предупреди дека Србија мора трпеливо да ја гради својата игра на „Филип Втори“.

„Имаме голема желба да победиме, со што би го неутрализирале поразот од Белгија. Сепак, не треба премногу да се залетаме бидејќи може да ни се случи да изгориме како што тоа беше случај во саботата. Мораме да бидеме смирени и сконцентрирани, имаме 90 минути за да покажеме кој е подобар“ порача Тадиќ.

- Реклама -