Е не може на две столчиња, Србија мора да избере – или кон ЕУ, или кон Русија

По најавеното потпишување на договорот за слободна трговија со Евроазиската економска унија, зад која стои Русија, ЕУ на Србија ѝ даде до знаење дека „тешко ќе може да седи на две столчиња“, оценува московскиот дневник „Комерсант“, посочувајќи на острата порака од страна на шефот на словачката дипломатија – Мирослав Лајчак, дека Србија ќе го продолжи патот кон ЕУ само ако „прави политички избори кои кон тоа ја приближуваат“. Потпишувањето на овој договор, според него, не е еден од тие избори и е „збунувачки“ потег од страна на Србија.

Оттаму, „Комерсант“ наведува дека ЕУ ја повикала Србија да го одбие потпишувањето на договорот, соопштувајќи дека тоа противречи на плановите на Србија за влез во ЕУ. „Со тоа Брисел ѝ стави до знаење на Србија дека тешко ќе може да седи на две столчиња“, пишува весникот, додавајќи дека одговорот на Белград е дека до влезот во ЕУ имаат право да потпишуваат такви договори со било кои држави.

Сепак, и „Комерсант“ констатира дека Србија наскоро ќе треба да избере страна кон која ќе ја усогласи својата надворешна политика. Доколку тоа го направи со ЕУ, тоа ќе ги вклучи и односите со Русија.

Дневникот потсетува дека директниот повик Србија да се повлече од потпишувањето на договорот беше упатен од министрите за надворешни работи на ЕУ во Хелсинки, по средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ со новиот амбасадор на Русија во Белград – Александар Боцан-Харченко.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

 

„Повикот на ЕУ до Србија е ново предупредување на Брисел дека е неприфатлива политиката на седење на две столчиња во односите со Западот и Русија, која се обидува да ја спроведе Вучиќ. Брисел повеќепати го потсетуваше раководството на Србија кој им е главен партнер: со ЕУ има 60% трговска размена, а со Русија помалку од 7%, додека обемот на европски инвестиции во Србија е неколку пати поголем од обемот на руски“.

Понатаму, весникот го цитира шефот на белградскиот Центар за надворешна политика – Драган Ѓукановиќ, кој изјави дека договорот со Евроазиската унија за Србија нема суштинско значење. Весникот, исто така, наведува дека експертите сметаат дека потпишувањето на тој договор има за цел Србија да ја натера ЕУ да го забрза процесот на евроинтеграција на земјата.

Весникот потсетува дека согласно новата стратегија за проширување на ЕУ, Србија може да стане членка дури во 2025-та, но дека Белград наскоро ќе мора да започне дијалог за надворешната и одбранбена политика.

„Тогаш Србија ќе мора или да се приклучи на политиките на ЕУ кон Русија, вклучувајќи ги и санкциите, или ќе мора да се прости од плановите за европска иднина. Во тој случај прашањето за напуштање на договорот со Евроазиската унија отпаѓа само по себе“, констатира „Комерсант“.

- Реклама -