Скопскиот суд утре ќе проверува, дали до нив воопшто дошло сведочењето на Камчев

Скопскиот кривичен суд ќе врши проверки дали записникот од сведочењето на бизнисменот Јордан Камчев за случајот „Рекет“, чија прва страница „протече“ во медиумите, воопшто дошол до оваа институција. Така вели претседателот на скопска единица Иван Џолев.

Судот, утре, ќе направи интерни проверки и само ќе утврдиме дали воошто во судскиот предмет сме го имале или не спорниот записник – рече Иван Џолев- претседател на Основен суд Скопје 1.

Џолев сепак не сака да навлегува во коментари за истрагата за тоа од каде протекол документот, бидејќе смета дека тоа се активности на обвинителството. А од обвинителството за гонење на организиран криминал денеска нема нови детали за тоа дали имаат појасна слика, како првата страница од записникот протече во јавноста. Накусо, велат, се постапува.

Последниот официјален став од таму е оној од вчера, во кој обвинителката Русковска ја потврди веродостојноста само на првата страница која беше објавена во медиумите, но не и останатите наводи кои не можат да се прочитаат од таа страница, дека наводно Камчев ги инкриминирал премиерот Зоран Заев и други фунционери на власта. Во истиот став, Обвинителството индиректно посочи дека „протекувањето“ може да се случило во судот, а не од кај нив.

Обвинителката Русковска ја потврдува веродостојноста на сликата од објавениот записник. Останатите заклучоци и коментари на авторот, како што веќе беше истакнато во соопштението на обвинителството, нема да ги коментира. Оригиналните списи од предметот ги поседува само обвинителството а копија од нив беше доставена до надлежниот суд – изјави Вилма Русковска.

Записникот од сведочењето на Камчев предизвика низа реакции не толку поради објавувањето на неговата прва страница, туку поради останатите наводи против високи функционери кои не можат да се прочитаат во објавениот документ. На првата, единствена објавена страница, може да се прочита само описот на Камчев- како Боки 13 стапил во контакт со него и како му нудел проекти. Дел од порталите сепак објавуваа наводни детали дека Камчев во исказот ги инкриминирал и Заев, Шеќеринска, Димитров, иако тоа го нема во објавениот документ. Сите споменати функционери најавија тужби.

На тоа реагираа и Агенцијата за медиумите, ЗНМ и Советот за етика во медиумите, повикувајќи ги политичарите да се воздржат од тужби кон медиумите, да не ја загрозуваат слободата на изразување и да остават да фунционира системот на саморегулација. На тие ставови, остро реагираше министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, особено што записникот го објави порталот „Инфомакс“.

Според кои стандарди Инфомакс е медиум? Нема адреса, нема импресум, не се знае сопственоста. На порталот има реклама – линк до бугарскиот мобилен оператор Теленор. Текстот е на руски јазик. Хаос … Прашањето го упатувам и до медиумските организации кои повикаа политичарите да не реагираат на вакви класични примери на лажни вести… Кога веќе конечно ќе ја видиме таа саморегулација? – рече Дамјан Манчевски- министер за информатичко општество и администрација.

Манчевски остро ја нападна и Агенција за медиуми, дека одлучила да застане во одбрана на лажните вести. А покрај тоа, станувало збор за вест објавена на портал, за кои Агенцијата постојано тврдела дека не може да врши никаков надзор.

Alsat-M

- Реклама -