Марко ќе исплива 64 километри за да ја разбуди свеста кај политичарите

Македонската јавност тогаш 12-годишниот Марко Пејчиновски го запозна лани, кога го преплива Охридското езеро и покрај претрпениот инфаркт на коска на долните екстремитети, а една година подоцна тој најавува нов подвиг – соло маратон на патека која е пет пати подолга од неговата возраст.

Охридскиот херој на 28 август, на големиот православен христијански празник Голема Богородица, ќе се обиде да ја исплива патеката од Охрид до Свети Наум, па потоа до Струга и назад во Охрид во должина од неверојатни 64 километри. Својата лична битка овој пат ќе ја посвети за повисоки цели, откривајќи го мотивот за еден ваков неверојатен подвиг.

„Ќе пливам за лицата со ретки болести, за да се подигне свеста за нивното место и третман од и во општеството. Ќе пливам искрено и од срце, со љубов, од еден од ‘ретките’ за сите останати ‘ретки’, за тие да станат повидливи, поприфатени, односно да бидат неразделен дел од нашето секојдневие. Зашто сите имаме ист дом, дишеме ист воздух, живееме под исто Сонце. Зашто сите сме исти пред Бога, зашто е цело кога има сѐ! И цело е кога не го затвораме очите пред ‘реткоста’ туку гледаме свесно и со широко отворени зеници. Со срце за ‘ретките“, вели Марко за порталот „Охрид њуз“.

Ова значи дека Марко пред себе си постави голем предизвик со исклучително хумана цел – да го сврти вниманието на јавноста, а пред сѐ на политичарите, кон лицата со ретки болести кои секојдневно бијат маратонски битки и се соочуваат животозагрозувачки пречки. Марко ќе биде гласот на овие луѓе, кој на 28 август ќе се претвори во крик за поддршка на лицата со ретки болести и подобрување на нивниот статус во општеството, а пред сѐ на здравствената грижа за нив.

- Реклама -