Итна внатрешна истрага и реакција од МВР веднаш бара пратеничката Фросина Ременски околу објавувањето на веста од страна на порталот „Лидер“ за „протечените документи“ кои според порталот откриваат дека Нина Ангеловска (позната како Нина „Групер“) била „сторител на кривични дела“.
Како што објаснува Ременски, таа не бара реакција од МВР заради тоа што се работи за кандидаткатата за министер за финансии, туку заради неопходната потреба да се заштити злоупотребата на службените евиденции на МВР од користење во име на сензационализам кој има за цел однапред да фрли дамка на личност што треба да извршува важна државна функција.
„Лесно проверливо е кој, од каде и во кој временски период влегол во базата за криминалистичка евиденција на МВР за да обезбеди ‘ексклузива’ за сторен сообраќаен деликт. Форматот во која е објавена веста потврдува за автентичноста на базата со која располага МВР. Очекувам внатрешната контрола и МВР да си постапат по стандардните оперативни процедури и да откријат кој бара сензационализам со оддавање на класифицирани информации“, вели Ременски.