МКД.МК: Утре УЈП влегува во Меѓународен сојуз и 1ТВ

Управата за јавни приходи од утре ќе почне да ги проверува сметките на фирмите поврзани со Бојан Јовановски – Боки 13, а тоа се БМЈ медиа груп, невладината организација Меѓународен сојуз и 1 ТВ. По дадените изјави на обвинителката на СЈО Лиле Стефанова и на второсомничениот во случајот „Рекет” на распит ќе бидат повикани и бизнисмени и политичари поврзани со невладината организација на Боки 13.

Од утре даночните инспектори на УЈП ќе го проверуваат финансискиот прилив и одлив на пари од фирмите поврзани со Бојан Јовановски. Ќе направиме контрола и на сите оние засегнати физички лица во телата и органите на Меѓународниот сојуз за што ќе ги утврдиме исплатите што се направени, изјави вчера Сања Лукаревска, директорка на УЈП.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција вчера најавија дека истрагата продолжува и дека нема да застанат со приведувањето на првиот човек на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева.

Неофицијално, за истрагата на случајот „Рекет“ ќе бидат повикани бизнисмени кои од досегашните искази биле посочени дека дале пари за некаква противуслуга од СЈО, но тоа не го потврдиле во предистражната постапка. Освен тоа, од основањето на Меѓународниот сојуз, 8 август 2017, во работата на оваа невладина организација постојано се споменуваат и имиња на високи функционери на СДСМ. Според логиката на нештата и дел од нив би требало да бидат повикани на распит кај обвинителката Вилма Русковска, со засега непознат статус – сведоци или осомничени. На основачкото собрание на оваа организација присуствуваа Фросина Ременски (избрана и за претседателка на сојузот), градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев, пратеникот и портпарол на СДСМ Костадин Костадинов, актуелниот заменик-градоначалник на град Скопје и Енвер Малиќи. Ременски беше почесна претседателка на Сојузот.

Целата статија на МКД.МК

- Реклама -