Премиерот на Израел – Бенјамин Нетанјаху, е во посета на Украина, првпат по две децении откако земјата не е посетена од израелски премиер. Посетата е особено симболична бидејќи од Украина потекнуваат голем дел од Израелците – повеќе од 500.000 жители на поранешниот Советски сојуз се доселија во Израел по подигнувањето на Железната завеса.
И покрај ваквата тежина на посетата, истата започна со скандал уште при традиционалниот пречек на Нетанјаху и неговата сопруга Сара со лепче и сол на аеродромот во Киев. Ваков пречек е традиционален во повеќе земји, а дури и Папата Франциск касна залче при пречекот во Скопје во друштво на екс-претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев. Сара Нетанјаху, меѓутоа, како што може да се види на снимките од пречекот, без многу двоумење го фрли лепчето на земја.
Дел од медиумите овој потег го препишаа на нервозата што кај сопругата на Нетанјаху владеела уште за време на летот. Имено, таа приредила сцена кога станала и се обидела да влезе во кокпитот кај пилотот, за да го опомене што, според неа, не ја поздравил кога ги поздравувал патниците. Согласно правилата, на Сара не ѝ било дозволено да влезе, но пилотот сепак се обидел да ја смири тензијата и повторно ги поздравил премиерот и лутата сопруга, на 45 минути пред слетувањето во Киев. Во изјава за медиуми, тој тврди дека тоа го направил и првиот пат, но дека Сара Нетанјаху веројатно не го слушнала.