Јанева ќе оди на распит во улога на сведок?

Вторник, 10 часот, е терминот кога специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е повикана на распит во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Доколку во меѓувреме не се случи нешто турбулентно (италијанскиот новинар да го исполни најавеното, на пример), Јанева во вторник на распитот за случајот „Рекет“ ќе се појави во улога на сведок. Од Обвинителството потврдуваат дека во оваа фаза се осомничени само две лица, па оттаму сите останати лица кои се повикуваат на распит, вклучително и обвинителите, меѓу кои ќе биде и Јанева, се повикуваат во својство на сведоци, велат оттаму за „Сител“.

Сепак, како што потврдиле вчера од Обвинителството за „Фокус“, извесно е дека истрагата наскоро ќе биде проширена и на други лица. Како што пишува порталот, со вчерашното сведочењето на специјалниот обвинител Бурим Рустеми, кој го води предметот „Поштенска банка“, Обвинителството ги комплетирало доказите кои ги има против инволвирани во аферата, а меѓу кои се спомнува и Јанева.

„(Истрагата веројатно ќе се прошири, но спрема колку лица во овој момент не може да се каже. Неопходно е да се направи сумблимат на изведените докази и оние што следните денови ќе бидат изведени“, рекле од Обвинителство за „Фокус“.

- Реклама -