Како можеше за четири години Зоран Заев од изјавата: „Да не дозволиме ова зло никогаш да се повтори!“, да дојде до дереџе да изјави: „Нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар и, да ми извини ЛГБТ заедницата, еден педер да ја симнат оваа влада од власт“?
Не е дека Заев не работеше за тоа, злото на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ никогаш да не се повтори. И не е дека и самиот не вложи многу личен напор и покажа многу храброст за тоа зло никогаш да не се повтори. Конечно, каде беше Заев пред само две години? Со скршена глава во Собрание. А каде е сега? Премиер на земја што за неколку месеци ќе влезе во НАТО, и тоа благодарение на неговото лидерство.
Ама, кога лидерот и државникот ќе каже „Ма остај, сите тие се педери“, тоа не е израз на одлучност. Тоа е израз на немоќ. Дека не може да се справи со скандалот „Рекет“. И израз на разочараност. И на лутина дека не му се признава сѐ што до сега има направено.
Нема зошто Заев да му се лути на „педерот“. Нека им се лути на „педерите по карактер“ во партијата. Вклучително и на самиот себеси, што дозволи да му се развие ваков скандал. Никој со сила не ги тераше. Ни пратениците, ни министрите, ни градоначалниците, ни бизнисмените, ни новинарските доајени да се сликаат со Боки 13, да си одат по вечери, да примаат подароци, да потпишуваат договори со божем хуманитарна, божем меѓународна, божем организација. А никој од нив да не праша ни од каде се парите, ни чија е телевизијата која толку многу ги задолжи.
целата статија на сдк.мк