Македонија и Косово се пред ново искушение кое може да прерасне во трговска војна.
Од косовска страна се децидни и велат дека нема да попуштат. Се додека во земјава се забранува увоз на икри и материјал за порибување од Косово, нема да дозволат увоз на македонски компири и мед. Ваквата реципрочна мерка многу не ги загрижува македонските власти. Министерот за земјоделие Трајан Димковски уверува дека проблемот ќе биде надминат. Вели дека забраната не важи конкретно за Косово, туку за сите земји кои не вршат контрола на икрите и младите риби кои се наменети за порибување.
„Има разлика во извозот на компир, се движи од 40 до 1000 тони минатата година. А, за мед имаме еден континуитет во вредност, или околу 400 илјади евра е извозот на мед во Косово. Немаме податоци од нивна страна колку е во споредба со увозот на риби, и на икра бидејќи се немаат поделено по такви ставки. Во понеделник ќе имаме јасни и прецизни податоци, колкав е ризикот од наша и од нивна страна“, рече Трајан Димковски, министер за земјоделство.
Косовските власти пак, сметаат дека забраната за извоз на икри и материјал за порибување во земјава ќе предизвика голем удар врз бизнисот. Тие не гледаат никаков проблем и сметаат дека нивната одлука е во согласно со договорот на ЦЕФТА.
„Се додека нема рефлексија и не се отстрануваат пречките и забраните што им се поставени на нашите бизниси , на косовските производители во тргување во Република Македонија, оваа мерка ќе продолжи да остане во сила. Одлуката се заснова врз ЦЕФТА договорот и Спогодба за стабилизација и асоцијација“, рече Ендрит Шала, министер за трговија и индустрија на Косово.
Целата статија ТУКА