Горазд Росоклија: ,,ШТО ЧЕКА И ШТО ОЧЕКУВА ВМРО-ДПМНЕ?
НЕПОСТОЕЧКА ПОСЛЕДНА ШАНСА?
Шанса, прва или последна е, ако се стремиш кон некоја цел.
Која е целта на ВМРО-ДПМНЕ освен да бидат устоличени како власт од страна на Меѓународниот, што значи понатамошна поддршка на актуелната власт на СДСМ во спроведувањето деструктивни национални политики кои на Македонија и се наметнати од надвор?
Која нивна досегашна постапка покажа дека им е цел смена на власта, запазување на македонскиот национален идентитет, запазување целовитоста на македонската држава, прогресивно непартизирано општество, позитивна селекција на кадри, квалитетна едукација, пристојно ниво на државниот здравствен систем…..?
Сѐ што ВМРО-ДПМНЕ го издвојува од СДСМ се празни зборови, зборови во кои никој не верува, зборови кои не допираат ниту до срцето ниту до умот на Македонецот.
Се закануваат дека ќе излезат на улица и таквата закана предизвикуваат подсмев?
Доколку излезат на улица, кој ќе ги следи, кого ќе го изведат освен нивните членови клиентелисти кои очекуваат профит од партијата, но не и членовите кои веруваа во идеологијата на партијата, за денес, после сѐ што се случува во ВМРО-ДПМНЕ најмалку во последните 5 години, а верувам и пред тоа, да се длабоко разочарани?
Под претпоставка дека ќе ја добијат власта, а се надевам дека нема, нивните политики ќе бидат исто толку деструктивни колку што се и овие на СДСМ, затоа што ниту едните ниту другите имаат раководства кои самостојно одлучуваат, поточно кои имаат капацитет и личен статус за самостојно одлучување.”