Од Основното јавно обвинителството веќе неколку дена нема нови детали во врска со случајот „Рекет“, освен дека истрагата тече. Притисоците и прашањата од домашната јавност, но и шпекулациите, па и нервозата кај граѓаните, реакциите од меѓународната заедница и опозицијата да се расчисти случајот и улогата на Катица Јанева, растат.
Главните прашања кои сѐ уште не се одговорени се дали шефицата на Специјалното јавно обвинителство е навистина злоупотребена во случајот „Рекет“ или, пак, активно соработувала со двајцата осомничени Бојан Јовановски – „Боки 13“ и Зоран Милевски – Кичеец, кои се во притвор. Обвинителството со денови е без нови информации околу текот на истрагата, но и евентуално проширување со нови осомничени лица иако обвинителката Вилма Русковска јавно потврди дека на снимките доставени од бизнисменот се слуша глас на обвинител и дека станува збор за трговија со влијание.
Одговорот што константно го повторува ОЈО е дека мерките што ги преземаат се вештачењата на мобилните телефони, запленетите компјутери и други предмети, а ако во текот на истрагата бидат утврдени елементи на други кривични дела или други сторители, постапката ќе биде проширена.
Русковска е на одмор. Јанева, исто така, од СЈО потврдија за други медиуми, но три дена не одговараат на нашето прашање до кога е на одмор и дали двата нејзини телефони се приватни или службени, особено тој што беше наводно изгубен, па мистериозно лоциран кај сестрата на девојката на нејзиниот син, која патем, исто така, работи во СЈО. Таа мора да одговори зошто кај мобилниот телефон што бил „изгубен“, форензичарите утврдија дека е форматиран и дека се избришани сите податоци и зошто и дали дала усна наредба за бришење на податоците на дел од компјутерите во СЈО.
Меѓународниот фактор испрати неколку пораки дека бара темелна истрага. Тоа го побараа еврокомесарот Јоханес Хан, како и вршителот на должноста помошник државен секретар за Европа и Евроазија на САД, Филип Рикер. Последната реакција пристигна и од високиот претставник од Стејт департментот на САД, Метју Палмер, кој нагласи дека добивањето датум за пристапни преговори со ЕУ, во голема мера, ќе зависи од решавањето на статусот на СЈО и додаде дека е клучно двете страни да седнат да преговараат и да ги решат разликите бидејќи времето за политикантство заврши, а дојде време за лидерство.
– Градоначалници, министри, обвинители и судии, две години се впуштиле во соработка со Бојан Јовановски наречен Боки 13, лице неколкукратно осудувано за финансиски криминал и финансиски малверзации. Тој човек без поткрепа од власта не можел да изнудува пари за кои е осомничен. Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Фросина Ременски, Костадин Костадинов, на еден или на друг начин, се поврзани со милионскиот рекет. Јавното обвинителство, покрај проширувањето на истрагата кон Јанева, која според изјавите на Русковска била алатката со чија помош е вршен рекетот, мора да ја прошири истрагата и да ја испита поврзаноста на Заев, на Шекеринска, на Ременски, и на Костадинов и на другите со милионскиот рекет, обвини во неколку наврати Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО – ДПМНЕ.
Двајцата функционери на СДСМ, кои најчесто и најмногу се поврзуваа со случајот „Рекет“ поради нивната блискост со Јовановски, отфрлија каква било вина и тврдат дека не знаеле што се случува. Поранешниот генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски изјави дека не можеле да претпостават што прави, како што рече, „нивниот познаник Боки 13“. Фросина Ременски, пак, која е почесен претседател во невладината организација на Јовановски, организација за која деновиве се открија финансиски малверзации во работењето, преку социјалната мрежа Фејсбук соопшти дека не се противи Обвинителството да ја истражи нејзината улога во оваа организација.
Кога станува збор за законот за Јавното обвинителство со кој треба да биде решен и статусот на СЈО, засега нема никаков напредок во преговорите меѓу власта и опозицијата, бидејќи овие преговори се претворени во пазар и спротивно на она што се говори во јавноста дека власта не треба да се меша во ингеренциите на третата власт – судството, секоја од партиите лицитира кој да биде нов јавен обвинител.
– Ние сме пред конечниот чекор за ослободување на правосудството од стегите на режимот кој е зад нас. Огромна е одговорноста кај политичките субјекти во оваа борба за правната држава. Но, најголема одговорност има партијата што ѝ донесе неправда на земјата и Мицкоски како прв човек на таа партија. Затоа јас ќе продолжам уште порешително да ја повикувам и убедувам опозицијата да ги поддржи реформите, рече премиерот Зоран Заев, обвинувајќи ја опозицијата за неизнаоѓање решение за проблемот, за кој всушност треба да одлучува фелата, а не политичарите, бидејќи е нелогично судството да се ослободи од политичко влијание, а партиите да водат преговори за избор на нов специјален јавен обвинител.
Постојано во јавноста се изнесува темата за пристапни преговори со ЕУ, константно добиваме извештаи со критики за правосудството и корумпираноста, но во реалната пракса нештата не се менуваат.
ЗАКОНОТ НЕ ПРЕДВИДУВА В.Д. СПЕЦИЈАЛЕН ОБВИНИТЕЛ!
– Специјалното јавно обвинителство не е како Основното јавно обвинителство, каде што сите обвинители имаат надлежности. Законот за СЈО е дециден и вели дека главна фигура на ова обвинителство е само и само Катица Јанева и таа ги има сите овластувања да може да постапува, дури и ако има полномошно, сите други што постапуваат според законот за СЈО постапуваат во нејзино име. Доколку специјалниот јавен обвинител биде разрешен или поднесе оставка и која ќе биде прифатена, неговите овластувања не може да ги пренесе на друг обвинител. Таа има право да даде и усна наредба, но ако нејзиниот мандат прекине, веќе ни полномошното дадено на друг обвинител не важи, затоа што сите овластувања ги црпи од својата функција. Доколку ја нема функцијата, ги нема ни овластувањата. Но, сепак, тоа е нешто последно во низата регулативи и сите во моментов сакаат да ги менуваат законските одредби, притоа непочитувајќи ги насоките на фелата. Последно во низата апсурдни решенија е поставување в.д. специјален обвинител што наликува повеќе на политички пазар, вели адвокатот и член на Советот за судски реформи, Звонко Давидовиќ.
Според него, в.д. специјален обвинител не може да постои затоа што не го предвидува законот, но тврди дека најверојатно политичките партии се потпираат на она старо правило „тоа што не е забрането, е дозволено“. Специјалниот јавен обвинител, според сегашниот закон за СЈО, го предлага Собранието со двотретинско мнозинство, но и според Бадентер и по согласност на четирите политички партии кои имаат најмногу пратеници. Така што, тие даваат предлог и за разрешување и за именување, а Советот на јавни обвинители на седница со двотретинско присуство на обвинители донесува одлука и го потврдува мандатот.
– Проблемот е во тоа што во моментов ние сѐ уште имаме специјален јавен обвинител, Катица Јанева сѐ уште ја има функцијата, дури и да ѝ ја прифатат оставката, се отпочнува посебна постапка за нејзино разрешување, објаснува Давидовиќ.
МАНДАТОТ НА ЈАНЕВА НЕ ЗАВРШУВА СО ИСТЕКУВАЊЕТО НА ВАЖНОСТА НА ЗАКОНОТ!?
Според тврдењата на Давидовиќ, не е точно дека мандатот на Јанева е пет години. Според чл. 20 од законот за СЈО, во кој се вели дека функцијата Специјален јавен обвинител трае сѐ додека не завршат сите истраги и постапки што ги отпочнала, нема временски определен рок. Значи, може да трае и 20 години. Законот за СЈО, пак, е со важност од пет години, и тоа од денот кога го изгласале пратениците и според чл. 1 став 3, еднаш годишно по истекот на тие пет години може да се продолжи важењето на законот, но не и функцијата на Специјалниот јавен обвинител.
– Сите се во голема заблуда, а можеби поради целата афера околу случајот „Рекет“, а и проблемите што настанаа со неефикасноста на СЈО, власта се обидува да протури решенија и јавно да сугерира јавни обвинители што би ја замениле Јанева. Според законот за СЈО, постојат четири случаи содржани во членот 17 кога може да му престане мандатот на специјалниот јавен обвинител, а тоа се: ако даде оставка, ако е неспособен за функција, болест и сл., потоа ако е именуван на друга функција, а не кореспондира со оваа и последно, ако стори кривично дело и со правосилна судска пресуда биде осуден на казна затвор од најмалку шест месеци. Постои и втор услов, дури и помала да е казната, функцијата може да му престане бидејќи го прави недостоен за вршење на должноста. Со самото поднесување на оставката не престанува неговата функција, таа оставка мора да дојде до Советот на јавни обвинители по предлог на Собранието. Значи, Јанева не му поднесува оставка на Советот, туку на Собранието, бидејќи таа дава отчет за сработеното пред Собранието. Потоа Собранието ја добива нејзината оставка и треба да закаже седница со согласност од четирите политички партии и тогаш со двотретинско мнозинство треба да се изгласа дека ѝ престанува мандатот, односно се прифаќа оставката, а Советот само ја констатира и усвојува. Но, има и член разрешување, тоа е членот 18. Ако се утврди дека специјалниот јавен обвинител е недостоен, несовесно ја извршува функцијата, необјективно и незаконито работи, во овој случај Советот на јавни обвинители покренува постапка и му доставува мислење на Собранието, објаснува Давидовиќ.
Според него, најголемиот проблем со законот за СЈО е тоа што беше изработен од лидерите на четирите политички партии, а не од правници и затоа има недоследности, ама тогаш во тие услови тоа било нужност поради општата политичка состојба, па и состојбата во судството. Сега тоа не е случај и треба да се изготви добар закон кој на СЈО ќе му даде соодветен простор во правосудниот систем
Целиот текст на Фокус