Скандалот „Рекет“ вовед во „Пржино 2“

Еден месец скандалот „Рекет“ ја тресе владата на премиерот Зоран Заев преку информациите дека предметите за СЈО се користеле за да се извлекуваат милионски суми од бизнисмени – осомничени во случаите на специјалната обвинителка, Катица Јанева.

Опозициските партии се гласни во барањето дека премиерот и неговата Владата мора да понесат одговорност не само заради потфрлањето во борбата против корупцијата, туку и поради сомневањата дека токму врвот на власта е вмешан во криминалните активности на притворениот Бојан Јовановски – Боки 13.

ВМРО ДПМНЕ повика и денеска на одговорност за оние кои дозволија да се случи криминалот во „Рекет“, но и за оние кои сега оставаат простор за влијание врз истрагата и сведоците и уништување на доказите.

„Јанева и СЈО се алатката преку која е вршен рекетот, кој без директна поддршка од власта не би бил можен. Боки 13 и Зоки Кичеец се само обични извршители. Затоа истрагата мора да се прошири до врвот на власта. Не се доволни оградувањата од Јанева и најавите преку медиуми дека ќе биде пуштена низ вода. Одговорност мора да има за сите. Целата спрега помеѓу власта, судот и обвинителството мора да биде разоткриена. Русковска и ЈО не смеат да си поигруваат со правдата. Ниту власта, ниту правосудните органи немаат веќе кредибилитет пред граѓаните. Зоран Заев мора да понесе одговорност. Оставка веднаш и организирање на итни предвремени парламентарни избори“, вели генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Од Алијанса за Албанците денеска со конкретен предлог за решавање на политичките тензии кои ги предизвика „Рекет“. Елми Азири, потпретседател на партијата, вели „Рекет“ е вовед во огромна политичка криза и смета дека меѓународната заедница треба да ја интензивира својата активности и да организира нова рунда преговори меѓу политичките лидери по примерот на оние од Пржино пред три години кои завршија со Пржинскиот договор.

„На тие средби да се дискутира за најактуелните и најчувствителните прашања, што моментално се случуваат во државата, меѓу кои избирачкиот список, Законот за јавно обвинителство, Законот за пописот на населението, за техничката Влада и за предвремени парламентарни избори“, вели Азири.

Во снимките кои ги објави новинарот Ларис Гајсер во криминалот од „Рекет“ се инволвираат Јанева, но и премиерот Зоран Заев. Тој досега ги отфрлаше барањата на опозицијата за формирање техничка влада и предвремени избори.

- Реклама -