Додека обвинителите се вратат од одмор, новинарите секојдневно ја „водат“ истрагата за случајот „Рекет“ на ОЈО. Се прегледуваат објавените „бомби“ од италијанскиот весник, се преслушуваат интервјуата на Катица Јанева која беше чест гостин на 1ТВ, на социјалните мрежи се проверуваат и поврзуваат објавените фотографии со датумот 20-ти февруари кога според снимките Боки 13 и Кичеец ги зеле парите од Јордан Орце Камчев.
На почетокот месец ноември Камчев како осомничен во „Империја“ еден од најголемите предмети на СЈО отиде во притвор. Месец и половина подоцна, пред Нова година, СЈО изненадувачки одлучи Камчев да излези од Шутка, по што во јавноста се отворија сомнежи за причините. Еден месец подоцна, Јанева на телевизиско интервју за 1ТВ, телевизија на Боки 13, рече дела одлуката е нејзина и за тоа придонеле како што вели таа „икс причини“.
Новинар: „Зошто го сменивте после само еден месец ставот. Тоа беше дилемата во јавноста?“
Лиле Стефанова: „Ние не го сменивме…“
Новинар: Некако се поклопија тие работи со некои политички случувања и се доби впечаток дека постои синхноризираност помеѓу политиката и СЈО
Лиле Стефанова: Да, се поклопија, но не го сменивме ставот за притвор
Катица Јанева: Проценката беше бидејќи сите кога беа сослушани и нивните адвокати не уверуваа дека нема да побегнат дадоа некои гаранции и искази кои ни се многу важни во истрагата и тука би завршила…
На тоа интервју присутна беше и обвинителката што го работи случајот „Империја“, Лиле Стефанова и таа ѝ дозволува на својата шефица да го одговори прашањето околу притворите. Меѓутоа, пред неколку денови за ТВ21 обвинителката Лиле Стефанова тврди дека не се согласила на осомничените Шутка да им биде заменета со куќен притвор.
„Сметав дека куќниот притвор не може да ги спречи осомничените лица да влијаат на истрагата што се покажа како точно, имајќи ги во предвид сега објавените снимки“, вели Стефанова во денешното соопштение.
На 20-ти февруари Боки 13 и Кичеец ги земаат парите од Камчев и според обајвените снимки, а еден месец подоцна Јанева повторно гостува во 1ТВ и тогаш за истито предмет вели дека ќе има спогодба без затворски казни.
„Па се надевам дека во идните случаи или во истрагите кои ги имаме ќе ги имаме и првите спогодби во одос на некои покрупни предмети во однос не некои затворски казни дека правилно ќе ги советуваат своите штитеници“, вели Катица Јанева.
Еден месец по оваа најава, во СЈО Јанева одржала и состанок на кој им наредила на обвинителите најдоцна до 6-ти мај да достават писмени извештаи за штета која обвинетите требало да ја платат на државата, без да одат во затвор, на ова Лиле Стефанова и Бурим Рустеми се спротиставиле и во извештајот навеле и затворски казни на случајот „Империја“.
По објавувањето на снимените разговори во врска со случајот „Рекет“, синоќа на Твитер се огласи еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, кој порача дека борбата против корупцијата на високо ниво мора да продолжи.
„Борбата против корупцијата на високо ниво мора да се одвива непрекинато. Што се однесува до најновите откритија, важно е да се утврди правна одговорност за сите кривични дела, вклучително и оние што произлегуваат од нелегалните прислушувања. Никој не е над законот и не може да има неказнивост. Надлежните органи мора да ги испитаат сите кривични дела, без никакво мешање, а сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата“, напиша на Твитер – Јоханес Хан.
Јанева неколку пати по отворањето на истрагата рече дека таа не е виновна и дека со Камчев разговарала од оправдани причини за тој да стане соработник во СЈО. Од ОЈО вчера за ТВ21 потврдија дека во вторник Лиле Стефанова, а потоа и Катица Јанева ќе бидат повикани на распит.
Истрагатата за „Рекет“ е отворена пред речиси еден месец, а засега осомничени се само Бојан Јовановски и Зоран Милевски.