Таинствен добротвор остава вреќи со пари низ цел град

Еден непознат самарјанин оваа година поделил неколку вреќи со пари во износ од 200.000 евра, во германскиот град Брауншвајг.

Вреќите во кои биле парите во износ од 20.000 до 100.000 евра биле доставени до локалниот весник “Брауншвајгер цајтунг” со инструкции на која локална хуманитарна организација треба да ѝ бидат предадени.

Таинствената личност, помеѓу другото, одлучила да помогне и во поправка на цркви и да го поддржи бирото кое им помага на жртвите на криминал. Вреќите со пари се појавуваат повремено во овој регион од 2011 година, а само оваа година се поделени околу 200.000 евра. Идентитетот на добротворот сè уште е тајна.

“Едноставно не знаеме и не сакаме да го загрозиме ова добро дело”, изјавил Давид Махе, новинар во локалниот весник.

Главниот и одговорен уредник изјавил дека мистериозната личност во последно време неколку пати стапила во контакт со весникот за да подари пари.

Последната донација од 100.000 евра е оставена во дом за згрижување на тешко болни лица. Оваа инстутиција има 12 кревети за терминално и тешко болни луѓе, а секоја година згрижува околу 20-тина пациенти. Директорката на овој дом. Петра Готсанд, рекла дека сите во управата се воодушевени и дека ова е најголемата поединечна донација која институцијата некогаш ја примила.

Од 2011 до 2013 година, добротворот анонимно донирал околу 250.000 евра на градинки, народни кујни и социјални проекти во овој регион.

- Реклама -