По денеска објавените разговори, каде во три наврати се слуша нејзиниот глас, во рзаговорот што го водат Боки 13 и Орце Камчев, се огласи Катица Јанева.
Во писмена изјава, објавена на веб-страната на СЈО, Јанева повторува дека во интерес на предистрагите и истрагите, повеќе пати разговарала со разни лица, во обид да се издејствуваат подобри позиции во кривичните предмети, а тоа често се случувало да се одвива преку од нив назначени посредници.
„Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага што ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители“, објаснува Јанева.
Таа пак ги повика истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на овој случај и како што вели за „обелување“ на нејзиното име.