Како предметен обвинител за предметот „Империја“, кој засега е во центарот на вниманието и околу кој кружат голем број на шпекулации, сметам дека неопходно е во јавноста да изнесам одредени информации, токму во насока на спречување на таквите шпекулации, вака ја започнува својата изјава до медиумите обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, чие име се споменува во новата аудио снимка што ја објави „Ла Верита“:
Во месец август 2018 година, осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески се обидоа да извршат влијание врз предистрагата која во тој период беше насочена против нив и други лица, користејќи го моето познанство со господинот Ванчо Чифлиганец. За оваа ситуација јас на состанок ја известив Катица Јанева и присутните обвинители, а исто така го известив и мојот тим на истражители. На средбата која се одржа во просториите на Специјалното јавно обвинителство, господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за „неговите пријатели“, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа во предвид да разговараме било што во врска со предметот. Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител кој ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски. Во понатамошниот тек на постапката, повеќе ниту едно лице од мене лично не побарало ништо во врска со овој предмет ниту пак ми било познато дека такви барања се насочени кон Катица Јанева.
Во втората половина на месец декември 2018 година, јас лично како предметен обвинител изразив несогласување со одлуката на Катица Јанева на осомничените во предметот „Империја“, мерката притвор да им биде заменета со мерка куќен притвор. Сметав дека куќниот притвор не може да ги спречи осомничените лица да влијаат на истрагата што се покажа како точно, имајќи ги во предвид сега објавените снимки.
Во месец март 2019 година, јас не се согласив и со одлуката на Катица Јанева да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Цветан Панделески, но и покрај моето спротиставување, таква согласност беше дадена.
Одлуката да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Јордан Камчев, Катица Јанева ја донела во време кога јас користев годишен одмор и за истата не ме извести. За оваа одлука дознав од обвинителката Елизабета Јосифоска, кај која било донесено на потпис писмено изготвеното мислење.
На 16 април 2019 година, во канцеларијата на Катица Јанева беше одржан состанок на кој таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а кои се однесуваа на дејствија во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“. Конкретно, ни беше наложено, најкасно до 06 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмети кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите „ да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот „Империја“ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период.
Лиле Стефанова, јавен обвинител во Специјалното јавно обвинителство