Канада во потрага по работници: Околу 500 000 слободни работни позиции

Споредено со истиот период во 2018 година, бројот на слободни работни места во Канада годинава повторно се зголемил во првите три месеци.

Работните места во првиот квартал достигнале бројка од 506 000, што претставува зголемување од 44 000 во однос на истиот период минатата година.

Статистиката вели дека скоро 80% од отворените позиции биле за постојани позиции. Работодавачите низ Канада се соочуваат со недостиг на работна сила која е поврзана со стареењето на популацијата и со зголемениот број Канаѓани кои се пред пензионирање.

Владата одговорот на овој проблем го гледа во одлуката да се подигнат нивоата на имиграција во наредните три години.

Најголемо зголемување на слободни работни места во првите три месеци се забележало во Квебек, односно 21 400 или 23%. Речиси половина од зголемувањето ги зафатило здравството и социјалната помош, производството и домувањето како и услугите за исхрана.

Вториот највисок пораст од 12 400 го доживеал Онтарио со најголеми зголемувања во здравствената и социјалната помош, трговијата на мало, професионалните, научните и техничките услуги, како и секторите за сместување и храна.

Доколку сакате да се преселите во Канада, мора да знаете кои се најбарани професии. Системот за имиграција во Канада наречен Express Entry е најбрзиот начин за квалификуваните работници да транзитираат во земјата. Канадската Влада се обврза за период од шест месеци да спроведува обработка на апликациите.

Сите апликанти за „Express Entry“ се бодуваат врз основа на фактори како: вештини, работно искуство, јазични способности и образование, а потоа се рангираат. Со стартување на програмата во 2015 година, Канаската влада соопштува дека над 31.000 барања за постојан престој биле издадени на различни видови на квалификувани имигранти.

Професиите, за кои се поттикнуваат квалификуваните работници да аплицираат за постојан престој во Канада се финансиски и инвестициски аналитичари, финансиски ревизори и сметководители, графички дизајнери и илустратори, супервизори во мало-продажба, универзитетски професори и предавачи компјутерски програмери и интерактивни медиумски програмери, софтверски инженери аналитичари и консултанти по информациони системи, готвачи и супервизори за услуга на храна.

- Реклама -