СЕ ОГЛАСИ ЛИЛЕ СТЕФАНОВА ТВ 24: ЗГРОЗЕНА СУМ ОД СНИМКАТА ЗА „РЕКЕТ“

Обвинителката која ја водеше истрагата за „Империја“, Лиле Стефанова во која осомничен е бизнисменот Орце Камчев вели дека утрово првпат ја видела снимката во која Бојан Јовановски зема пари од Камчев.

„Не само што не сум знаела дека постои ваква снимка, туку и сум згрозена. Очекувам Обвинителстово за организиран криминал комплетно да го расчисти целиот случај. Јас ќе соработувам и ќе ги споделам сите работи кои ги знам, а сега не можам да ги кажам за да не и наштетам на истрагата“ – изјави во телефонски разговор за ТВ 24 обвинителката Стефанова.

На прашањето дали рекетот може да ја сруши „Империја“, Стефанова вели дека „таа истрага е поставена на здрави нозе, но со месеци е закочена поради начелното мислење кое го донесе токму Врховниот суд“.

Обвинителката најави дека постои можност за проширување на истрагата, меѓутоа тоа ќе биде во прв момент кога ќе се решат сите дилеми околу ова начелно правно мислење.

Стефанова повтори дека сите документи за притвор и решенијата во случајот „Империја“ ги потпишувала Катица Јанева.

- Реклама -