Откако ги зел парите, Боки 13 се јавил кај вработен во МВР да праша дали го следат

Бојан Јовановски и Зоран Милевски се сомневале дека се следени, откако ги зеле парите од бизнисменот Орце Камчев, дознава „А1он“. Според нашите извори, Боки 13 веднаш штом излегол од домот на Камчев се јавувал кај човек во МВР или припадник на единицата „Алфи“ за да праша дали некој го следи. Засега не се открива кај кого се јавувал.

Жената што ги брои парите на снимката, „А1он“ дознава дека е сметководителката на Орце Камчев. Откако ги изброиле парите, Камчев му рекол на Боки 13:

„Е, Боки и спецификација на парите сум ви направил“.

Во домот на Камчев Кичеец и Боки 13 ги добиваат парите во чанта од „Луј Витон“ вредна околу 5 илјади евра. На снимката објавена во италијанскиот весник, во делот каде што не се слуша тон, Боки 13 му рекол на Камчев „Јас мислев во ќеса ќе ми ги дадеш“, а бизнисменот му враќа „Не личи Боки тебе во кеса да ти ги давам“.

Во објавената снимка се слуша како Боки 13 му ветува на Камчев дека ќе биде ослободен од притвор од страна на Врховниот суд, кој ќе ја укине мерката. Снимката е направена на 20 февруари, а веќе на 4 март Камчев е ослободен од Кривичниот совет на Врховниот суд за предметот „Империја“, кој го води СЈО.

- Реклама -