Следната недела Скопје ќе го добие најскапиот паркинг

Паркирањето во центарот на Скопје за само еден час може да ве чини исто колку и 1 килограм месо, колку билет за 10 возења во градскиот превоз или колку дневница на повеќето вработени во Македонија.

Во превод, советот на општина Центар донесе одлука според која паркирањето кај Дом на Градежници за еден час ќе чини 250 денари.

Од 9 август, 250 денари за час ќе чини паркирањето на затвореното паркиралиште „Дом на Градежници“.

Ова го соопштија од Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на општина Центар“- Скопје од каде информираа за промените и начинот на организирање и наплата на споменатото паркиралиште, со цел да се реши проблемот со паркирањето на ова паркиралиште и да им се овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните живеалишта.

Иналу, овие промени доаѓаат по барање на жителите на Градски Ѕид кои со петиција навеле предлог итни мерки за решавање на проблемот со паркирањето со кој секојдневно се соочуваат.

Покрај цената прифатени мерки се и редуцирање на бројот на часови на гостинската карта (м-карта) на 2 часа, по 17:00 часот неограничено, воведување на систем за препознавање на регистарски таблички и ќе се отстранат постоечките картички, а ќе се ограничи пристапот на комбињата за дотур на стока, односно ќе им се овозможи бесплатен пристап од 05:00 до 07:00 часот, во спротивно ќе ја плаќаат редовната цена за паркинг за 1 час.

Одлуката за усвојување на Петицијата за решавање на проблемот со паркирањето на паркиралиштето „Дом на градежници“, донесена од Управниот одбор на ЈП Паркинзи на општина Центар, беше изгласана на последната седница на Советот на општина Центар.

- Реклама -