Ако го прогласат Гоце за Бугарин, зошто ние би го чествувале?

Барањето да се реши прашањето за Гоце Делчев веднаш и инстант со цел да се задоволи некоја, во овој случај политичка потреба, може негативно да влијае на работата на комисијата, смета историчарот Драган Ѓоргиев, шеф на македонскиот тим во заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија.

Откако вчера во Скопје двајцата премиери, Заев и Борисов, порачаа комисијата да најде решение за Гоце Делчев до октомври, Ѓорѓиев во изјава за ТВ Сител рече дека за чувствителни прашања, наталожени шест до седум децении, потребно е време и трпение. Ако им се пристапи брзо и се поврзуваат со други актуелни политики прашања, рече тој, решението може да биде избрзано и негативно за односите меѓу двете држави.

„Навлегувањето во идентитетското прашање за Гоце Делчев може комисијата да ја доведе во ќор-сокак. Не може априори да се стави рок за прашањето веднаш и сега да се реши заедничкото чествување на Гоце Делчев. Доколку комисијата се посвети на тоа зошто е Гоце Делчев важен за двете страни, зошто се празнува, зошто е во меморијата на двата народа и, во крајна линија, која е неговата вредност која може да нè поврзе, тогаш ќе може да се најде и решение за заедничко чествување. Доколку ние инсистираме на тоа дека тој бил Македонец или Бугарин, тогаш решение тешко ќе се изнајде. Важно е да најдеме Гоце Делчев како вредност да се поврзат двата народа, а заедничко чествување е начин тие да се приближат без инсистирање на идентитетот“, рече Ѓорѓиев.

Уште од формирањето на комисијата, додаде Ѓорѓиев, се чувствува притисокот од политиката овие прашања да бидат решени што побрзо. На прашањето за Гоце Делчев комисијата почнала да работи во март, а следниот состанок ќе го има во септември. Дали ќе има тогаш решение зависи, рече Ѓорѓиев, од конструктивноста и позитивниот пристап на двете страни.

Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања да најде решение за прашањето за Гоце Делчев до октомври, порачаа вчера во Скопје бугарскиот премиер Бојко Борисов и неговиот домаќин премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција во Владата.

„Комисиите мора да постигнат компромис до октомври. Не треба да се пречекори октомври. Комисиите мора секојдневно да работат“, рече Борисов запрашан што доколку не се постигне решение до октомври месец кога ЕУ треба да се наврати на одлуката за датум за преговори за нашата земја.

Тој беше дециден дека од тоа зависи и одлуката на Владата во Софија, но и дека посакуваат да избегнат вакво сценарио по секоја цена.

„Тоа прашање мора да се реши. Кога ќе ми ја дадат папката со тоа што е договорено меѓу комисиите, тогаш ние во Бугарија ќе решаваме што треба да се прави. Ова сценарио сакаме да го одбегнеме по секоја цена, изјави Борисов.

Прашан, пак, дали Бугарија би можела да го постави прашањето за членството на РСМ во ЕУ, тој исклучи таква можност.

„Не би сакал ни да помислам дека може да дојде до такво прашање, јас да кренам рака против РСМ тоа е недопустливо. Ние да допуштиме да биде блокирана Македонија во никој случај не размислувам и нема да дозволам. Во последните две децении ништо се немаше придвижено напред. Ако го гледаме само нашиот бугарскиот интерес, немаше да се заложиме за РСМ во НАТО и во ЕУ“, рече Борисов.

Според него, Бугарија на никаков начин не се меша во работите на Северна Македонија ниту ја загрозува, туку, вели, во изминатите две години направила сѐ за нашата земја да се најде во фокусот.

„Наш заеднички интерес е да бидете во НАТО. Нашите херои го дале животот за да добиеме придобивки за својот народ. Ништо против ние немаме. Инаку ќе бидам обвинет дека сум ја предал историјата на Бугарија. Јас имам лимит што можам да си го дозволам, знам дека по секоја цена комисиите треба да донесат решение што ќе биде за перспектива на младите“, подвлече бугарскиот премиер.

Премиерот Заев потврди дека се согласиле заеднички за охрабрување на комисиите да ја завршат работата до октомври.

„Заклучивме да ги охрабриме комисиите и на ова прашање на чесен начин да го изнајдат решението. Нашиот интерес и приоритет е да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ. До денеска 21 земја го има ратификувано Протоколот за НАТО“, рече Заев.

Според него, Гоце Делчев е личност која ги поврзува двете земји и двата народа. Продолжуваме, рече, да градиме пријателство, добрососедство и соработка зашто тоа им го должиме на сите идни генерации.

Вчера Заев и Борисов заедно положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Двајцата потоа заминаа во Дојран каде заеднички положија цвеќе и на обновениот споменик на бугарскиот полковник Константин Каварналиев, кој во 1913 година загина во близина на Дојран во „борбата со грчката војска за да го ослободи бугарското население во југоисточна Македонија“.

И професорот Петар Тодоров, член на заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања смета дека политичарите не смеат да поставување датуми до кога треба да се најде решение за Гоце Делчев.

„На овој свет мора само да се умре, а дали ќе донесеме решение до октомври ќе покаже времето. Најдобро е политичарите да не прават такви притисоци и да не ставаат рокови бидејќи тоа е само контрапродуктивно за самата дискусија, бидејќи во тие услови историчарите од двете страни работат под притисок дека мора да се постигне нешто и тогаш постои голем ризик да се донесат лоши и неквалитетни решенија, кои можат да бидат контрапродуктивни“, вели Тодоров.

Тодоров вели дека доколку Гоце Делчев, една од најзначајните личности од историјата, биде прогласен за Бугарин, Македонците ќе немаат основа зошто да го чествуваат. Бидејќи, ако тој бил Бугарин, не гледам причина зошто ние, македонските граѓани би имале основа да го чествуваме, рече Тодоров.

- Реклама -