Откако Обвинителството потврди дека во вториот одземен мобилен телефон на Катица Јанева немало ништо, а во првиот не е најдено „ништо посебно“, „Канал 5“ со право констатираше дека не треба да се заборави на телефоните на Боки 13. Но, како што објави телевизијата, има „мал“, а всушност многу голем проблем – дали воопшто е одземен телефон од првоосомничениот во „Рекет“ – Бојан Јовановски?
„Канал 5“ посочува на официјалното соопштение на Јавното обвинителство од 16 јули, кога јавноста беше информирана дека при претресите во текот на ноќта кај двајцата осомничени во „Рекет“ е прибран „обемен доказен материјал“. Во соопштението, меѓу предметите одземени од второосомничениот Зоран Милевски – Кичеец, категорично се наведени „мобилни телефони“. Меѓу предметите одземени од првоосомничениот, меѓутоа, се спомнати брендираните гардероба и накит на Боки 13, но не и мобилни телефони:
„ …При претресите прибран е броен доказен материјал што допрва треба да биде предаден на вештачење. Меѓу одземените предмети покрај два персонални компјутери и еден лап топ што ги користеле првоосомничениот и неговата асистентка, одземено е поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела. Од второосомничениот се одземени повеќе лап топ компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови и мемориски картички , како и поголемо количество на оружје и муниција за кое дополнително ќе се утврдува дали второосомничениот го поседувал со дозвола…“.
Дали тоа значи дека мобилниот телефон на Боки 13, иако би требало да биде еден од клучните докази, воопшто не е одземен?, прашува „Канал 5“, а на тоа прашање од Основното обвинителство го добиле следниов одговор: „Одземено е само она што е наведено во соопштението“.
Во меѓувреме, во следните три недели обвинителката Русковска и нејзиниот тим се на одмор. Повеќе ТУКА.
ОБНОВЕНО: „А1он“ одговори на дилемата зошто мобилниот на Боки 13 го нема меѓу запленетите предмети во претресот (ЛИНК)