Груевски сподели документарец за Македонците во Пиринска Македонија: Сè што треба е да ја признаат нашата посебност (ВИДЕО)

Посетата на бугарскиот премиер Бојко Борисов, двегодишнината од потпишувањето на Договорот за добрососедство, како и празникот Илинден, ги вратија заедничката историја, добрососедството, заедничката иднина со Бугарија, но и спорот околу Гоце Делчев, меѓу главните теми во јавноста. Со свој придонес на темата од Будимпешта се приклучи и експремиерот во азил/бегство – Никола Груевски, преку Фејсбук.

Груевски истакнува дека двете земји имале низа позитивни настани во меѓусебните односи, но сепак, тој посочува дека едно конкретно и клучно прашање се провлекува низ целата таа заедничка историја и ги креира сите меѓусебни недоразбирања и проблеми.

„Кога тоа прашање не би постоело, меѓу нас денес речиси не би имало проблеми и односите, довербата и блискоста ќе беа на далеку повисоко ниво. Тоа прашање е одбивањето да ја признаат нашата ПОСЕБНОСТ. Блискост, но сепак посебност како Македонци, но не само од 2-ри август 1944 година, туку и пред тоа.

И последователно на тоа, постојаното проблематизирање на Македонците и ‘Македонизмот’, како што тие го нарекуваат.
Силна потреба и упорност, многу активности честопати и многу непријатни од нивна страна. Од негирањето на ПОСЕБНОСТА КАКО НАЦИЈА ПРЕД 1944 произлезе и негирањето на јазикот, македонскиот јазик“, пишува Груевски.

Во одбрана на тезата дека посебноста на Македонците е реалност и не е само продукт на колективно испран мозок на цел еден народ од страна на комунистичката власт и режим на Југославија, како што тврдат Бугарите, Груевски сподели 30-минутен документарен филм снимен во 1990 година во Бугарија.

Како што објаснува, илјадниците луѓе собрани на чествувањето на 75 годишнината од смртта на Јане Сандански, кои ќе ги видите во филмот, се родени и израснати на територијата на Р. Бугарија и веројатно никогаш не стапнале во Југославија, ниту пак имале контакт со југословенските тајни служби и некаква нивна масовна пропаганда, со оглед на затвореноста и строгоста на комунистичкиот режим во Бугарија. А сепак, истакнува Груевски, тие се декларираат како Македонци по националност и етникум и јасно ја истакнуваат својата блискост, но и посебност ПОСЕБНОСТ од бугарската нација. Груевски го споменува и пописот во Бугарија во 1946 година, кога во Бугарија било дозволено изјаснување како Македонец и кога само во Пиринска Македонија се регистрирале 180.000 Македонци.

Во контекст на „заедничкото зреење“ (зборови на премиерот Заев), Груевски порачува дека можеби и бугарската јавност треба да го погледне овој документарец и нашите соседи да размислат од друг агол, на пример дали вредат сите тие години, како што вели Груевски, негативна енергија, гнев, човечки жpтви, блокади, нервози и проблеми.

(Доколку немате време да го гледате целиот 30 минутен документарен филм, најважните моменти, според Груевски, се од 9:05 до 29:30 во видеото)

- Реклама -